• понеделник, 23 декември 2024

Петровска вети компостара за биоотпад за ограничување на емисиите на стакленички гасови

Петровска вети компостара за биоотпад за ограничување на емисиите на стакленички гасови
Скопје, 7 октомври 2021 (МИА) - Изведба на компостара за биоотпад којшто ќе се собира од јавните површини, отпад од кроење гранки, лисја и отпад од храна. Тој отпад во оптимален состав ќе се преработува по пат на органска аеробна преработка се со цел да се добие органско ѓубриво кое има можност да се користи и за одржување на јавните зелени површини од страна на Градот Скопје, но и да се дава како производ на земјоделските производители, најави на денешната прес-конференција независната кандидатка за градоначалничка на Град Скопје, Ана Петревска, која е поддржана од иницијативата „Скопје зелен хуман град“. Таа денеска даде изјава за медиуми кај железничкиот мост во Лисиче, односно на местото каде што Усјанскиот канал се влева во Вардар, при што нагласи дека амбиентот е надополнет со отпад и миризба. - Во овој прекрасен амбиент украсен со отпад и со миризба, бидејќи тука се влева Усјанскиот канал во Вардар, сакаме да презентираме едно можно решение, коешто решение всушност „Зелен хуман град“ преку својата членка на „Мама органа“, Наталија Бургиева веќе го имплементира. Станува збор за компостара за биоотпад. Впрочем оваа технологија е многу современа, нема да има никакви еколошки влијанија, а бидејќи се вградува филтер којшто чини 20.000 евра и од којшто нема да се ослободува ниту метан, дури и емисиите на јаглеродниот диоксид ќе се намалуваат, наведе Петревска. Таа посочи дека таа компостара може да биде една од многуте коишто треба да се реализираат во Скопје за да се намали за повеќе од 60 проценти отпадот којшто се создава на територијата на Градот. - На тој начин ќе се намалат трошоците за транспорт и за обработка на овој отпад на централна депонија, ќе се намалат и можностите за емисии на стакленички гасови и на штетни материи, нагласи Петревска. Наталија Бургиева од „Мама органа“, наведе дека задоволство и е што токму „Мама органа“ ја прави првата општинска компостара којашто ќе делува воопшто на целата територија на град Скопје. - Се работи за аеробна дигестија, компостер со капацитет од два тона. Истиот компостер користи патентирана технологија која што со вбризгување на кислород во самиот процес на разгградување на био-отпадот ја забрзува постапката и при тоа спречува создавање на метан и го намалува количеството на ЦО2 што го испуштаме, истакна Бургиева. Таа посочи дека тоа е од големо значење за Градот, бидејќи ќе се намали за дури 60 проценти отпадот на местата на коишто досега го имаме, значи, како што рече, помалку отпад во контејнерите и во кантите на улици. - Ќе креираме дополнителна вредност, креирајќи дополнителна вредност можеме да ангажираме маргинализирани луѓе, луѓе кои што се на работ на социјалната егзистенција, односно да креираме нови работни места и да промовираме органско производство на храна и одржливо земјоделство како дел од целите за одржлив развој коишто ги промовираат ОН. Да го направиме Скопје да биде одржлив град, град којшто од сопствени ресурси ќе креира вредности и понатаму ќе се развива умерено, истакна Бургиева. Таа посочи дека биоотпадот е трет најголем причинител за емисија на метан и јаглерод диоксид, односно стакленички гасови коишто директно влијаат на климатската криза. - Тогаш ќе ни биде јасно дека доколку овој отпад место да го оставаме слободно да се разлага на депониите, во случајов Дрисла, како досега што се прави, доколку го прибираме и адекватно го третираме ќе спречиме креирање на стакленички гасови за дури 15 проценти од досега. Со тоа активно ќе влијаеме на намалувањето на ефектот на стаклена градина и на климатската криза, заклучи Бургиева. см/сп/

Остани поврзан