• понеделник, 23 декември 2024

Петков: Време е Софија и Скопје да се вратат на попозитивни работи

Петков: Време е Софија и Скопје да се вратат на попозитивни работи

Софија, 5 февруари 2023 (МИА) - Во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија е важно перспективата да не се става само на тоа каков инцидент се случи и во исто време, додека се справуваме со јазикот на омразата, мора да се отворат и други теми како инфраструктурата и економијата, со цел односите да можат да имаат и позитивен карактер, изјави поранешниот бугарски премиер и копретседател на партијата Продолжуваме со промената, Кирил Петков.

- Во моментов е оставено на некои многу гласни луѓе да го дефинираат дијалогот меѓу двете земји. Време е да се вратиме на попозитивните работи, рече Петков во изјава за Бугарското национално радио (БНР).

Според него, на земјава треба да и се каже дека условите ги поставува ЕУ и дека доколку сака да има европска иднина нема друг избор освен да почне да работи на позитивни теми со Бугарија и да го отстрани јазикот на омразата.

- Таквиот тип на дијалог е можен затоа што за време на нашата Влада, успеавме Европа да застане на наша страна, додаде Петков.

Осврнувајќи се на претстојните предвремени парламентарни избори во Бугарија, предвидени за 2 април, Петков изрази надеж дека неговата ПП ќе настапи со заедничка листа со блокот Демократска Бугарија, создавајќи јадро кое ќе промовира универзално прифатени политики и цели, што мора да се случат.

- Ние сме единствената динамика во политичкиот простор. Со ДБ создаваме јадро за кое се надеваме дека нема да биде само снежна грутка, туку лавина, додаде Петков. сп/

 

Остани поврзан