• среда, 03 јули 2024

Петковиќ: Разговорите беа тешки, Приштина не е подготвена за нормализација на односите

Петковиќ: Разговорите беа тешки, Приштина не е подготвена за нормализација на односите

Белград, 2 јули 2024 (МИА) - Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, по трилатералната средба во Брисел од техничкиот дијалог на Белград и Приштина, изјави дека разговорите биле тешки и дека српската делегација инсистирала на формирање Заедница на српски општини (ЗСО) и за нормализирање на односите, но дека Бесник Бисљими одбил да разговара за нацртот за ЗСО, јави дописникот на МИА од Белград.

-На средбата со Лајчак инсистиравме на формирање Заедница на српски општини, но разговаравме и за исчезнатите лица и енергетиката, како и за деблокирање на српската стока која не може да влезе на територијата на Косово повеќе од една година. Разговаравме и за мостот на Ибар, рече Петковиќ за РТС, по што следела средба на приштинската делегација со Лајчак, а потоа и трилатерална средба, односно директна средба на делегациите на Белград и Приштина.

Тој додаде дека на трипартитната средба, главниот приштински преговарач Бесник Бисљими рекол дека не го прифаќа договорот за официјални посети.

-Имаше бројни прашања за енергетиката, каде нашиот тим покажа како функционира Електросевер и прашањето за ЗСО, каде разговаравме за патоказот како да продолжиме со нормализацијата преку конкретни чекори, изјави Петковиќ на РТС.

Тој кажа да на средбата истакнал дека Белград е подготвен да разговара за нацрт-статутот на ЕУ за ЗСО, иако има и статут на Управувачкиот тим и дека европскиот нацрт е добра основа, додека Бисљими одбил да разговара за нацрт-статутот на ЕУ.

-Нацрт-статутот е клучен за формирање на ЗСО и тоа е јасно дефинирано во договорот. Тоа покажува дека тие не сакаат и нема да ја формираат ЗСО и дека политиката на Курти е протерување на Србите, изјави Петковиќ. об/сд

Остани поврзан