• понеделник, 23 декември 2024

Турк повикува на внимателност во однос на екстремната десница во Европа

Турк повикува на внимателност во однос на екстремната десница во Европа

Женева, 3 јули 2024 (МИА) - Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк денеска повика на внимателност во контекст на зголемената популарност на екстремната десница во Европа, имајќи ги предвид пораките кои ги понижуваат мигрантите и барателите на азил воопшто.
 
-Мораме да бидеме многу внимателни бидејќи историјата, особено во Европа, експлицитно ни кажува дека клеветата, оцрнувањето на луѓето се предвесник на нешта што доаѓаат, рече Турк на прес-конференција во швајцарскиот град Женева.

Ова, нагласи тој, „е повик за будење“.
 
Екстремно десничарските партии во Европа забележаа успех на изборите за Европскиот парламент минатиот месец, а во пресрет на вториот круг од предвремените парламентарни избори во Франција оваа недела, политичките партии се обидуваат да го спречат екстремно десничарскиот „Националeн собир“ кој води кампања против мигрантите. 

-За жал, во Европа гледаме зголемување на говорот на омраза, дискриминација и важно е политичките лидери да бидат многу јасни за нивната позиција на нулта толеранција за говорот на омраза и секој обид за оцрнување на луѓето, рече Турк. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан