• сабота, 21 декември 2024

Петер Грк: Западниот Балкан - клучен за геостратешката улога на ЕУ

Петер Грк: Западниот Балкан - клучен за геостратешката улога на ЕУ

Подгорица, 5 октомври 2024 (МИА) - Црна Гора треба да го заврши својот дел од работата за да биде подготвена за членство во Европската Унија до 2028 година, и во тој случај нема да има пречки за нејзиното зачленување, оцени генералниот секретар на Бледскиот стратешки форум, Петер Грк.

Во интервју за агенцијата МИНА, тој изјави дека Црна Гора и Западен Балкан се срцето на Европа и дека регионот е клучен за геостратешкото позиционирање на ЕУ на меѓународната сцена.

Грк истакна дека со агресијата на Русија врз Украина, процесот на проширување меѓу ЕУ и Западен Балкан влезе во нова фаза, додавајќи дека ЕУ тогаш сфати дека овој процес не е само технички, туку длабоко геостратешки.
- Западниот Балкан и Црна Гора се срцето на Европа, рече Грк, кој е и национален координатор за Западен Балкан во словенечкото Министерство за надворешни работи.

Тој потсети дека сите држави кои го опкружуваат регионот се дел од НАТО или од ЕУ.
- Овој регион е многу важен за геостратешкото позиционирање на ЕУ во пошироката меѓународна заедница. Би рекол дури и клучен, бидејќи без интеграцијата на овој регион, тешко дека Европејците ќе играат значајна улога во меѓународната заедница, потенцира Грк.
Тој истакна дека се повеќе промени се случуваат, а мултилатералниот свет е „во сериозен шок“.
- Гледаме дека институциите на меѓународното право не функционираат, дека системот е во криза и дека другите глобални играчи се репозиционираат, рече Грк.

Тој смета дека картите се повторно распоредуваат и дека ЕУ, ако сака да има место на масата каде што се случуваат промените, најпрво мора да ги реши проблемите во соседството. Западниот Балкан не е само соседство, туку и срцето на Европа, повтори тој.

Говорејќи за предизвиците во регионот, Грк рече дека главните проблеми се однесуваат на билатералните спорови од минатото и владеењето на правото.

- Без решавање на овие прашања е тешко да се зборува за иднината на Западниот Балкан или за регионалната соработка, бидејќи секој компромис бара многу време, а време немаат ниту регионот, ниту ЕУ, објасни Грк, додавајќи дека примерот на Грција и Северна Македонија покажува дека споровите можат да се решат.

Тој додаде дека вториот предизвик е владеењето на правото. „Во целиот регион е клучно да се воспостават институции и владеење на правото, бидејќи тогаш и другите работи ќе дојдат на свое место“, рече Грк.

На прашањето дали влошувањето на односите меѓу Црна Гора и Хрватска може да влијае на процесот на пристапување на Црна Гора во ЕУ, Грк нагласи дека најважно е Црна Гора да го заврши својот дел од работата. - Овие прашања се хипотетички и во овој момент не се значајни за патот на Црна Гора, рече Грк. Тој додаде дека она што е важно е Црна Гора да биде подготвена. - Мислам дека ако Црна Гора биде подготвена, нема да има никакви пречки за нејзиното членство во ЕУ, рече Грк.

Тој додаде дека во моментов во ЕУ има еден поинаков моментум.

И државите кои беа резервирани во минатото во врска со проширувањето, сега сфаќаат зошто овој процес е значаен,  изјави Грк.
Тој додаде дека во овој момент е најважно политичките елити во Црна Гора да ги исполнат своите ветувања и да бидат подготвени до 2028 година. Сето внимание треба да биде насочено кон тоа, рече Грк.

Словенечкиот политичар потсети и на изјавите на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека проширувањето ќе биде еден од најважните ресори на новата Европска комисија. ссм/

фото: принтскрин Јутјуб кјанал на Мина

Остани поврзан