• понеделник, 23 декември 2024

Перински во посета Дебар и Центар Жупа: Со инвестиција во патната инфраструктура создаваме услови за развој на руралниот туризам

Перински во посета Дебар и Центар Жупа: Со инвестиција во патната инфраструктура создаваме услови за развој на руралниот туризам

Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа, Златко Перински и директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, денеска ги посетија општините Дебар и Центар Жупа, кои се партнери во проектот за реконструкција на патната инфраструктура со цел за подобрување нa туристичката понуда во Југозападниот плански регион. На посетата присуствуваше и директорот на Центарот за развој на Југозападен плански регион, Ваљон Каба, информираат од Министерството за локална самоуправа. 

-Соодветната патна инфраструктура е од исклучителна важност за развојот на општините. Дебар и Центар Жупа изобилуваат со природни убавини и културно-историски споменици. Новата, современа инфраструктура ќе ги направи овие локации подостапни и ќе создаде услови за развој на руралниот туризам, овозможувајќи подобро туристичко искуство за домашните и странските посетители. Верувам дека со успешната реализација на проектот, регионот ќе стане попосетен, а локалната инфраструктура ќе придонесе за поефикасен и непречен транспорт на туристи, како и за поддршка на локалната економија и туризмот, истакнал министерот Перински.

Според него, со проектот е направена реконструкција на улица „206“ во населбата Венец во Дебар, активност за која Бирото од Програмата за рамномерен регионален развој одвои средства во износ од 1.524.107 денари, додека за реконструкцијата на локалниот пат до село Мал Папрадник во Општина Центар Жупа се обезбедени средства во износ од 9.177.930 денари.

-Патната мрежа и општинската локална инфраструктура е од посебно значење за давање квалитетни туристички услуги од страна на локалните чинители. Таа е клучна за поефикасен, побрз и непречен транспорт на туристи, локалното население, и транспорт на добра, поврзани со локалната економија и туризмот. Непреченото и квалитетно туристичко искуство и доживување се од исклучително значење за туристичката и другите сродни економски дејности и активности во Југозападниот плански регион, изјавил директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши. 

Дебарското Езеро, познато и како Шпиље, е важен природен ресурс во регионот, кој со својата убавина и околина го позиционира овој крај на мапата на бањскиот туризам. Општините Дебар и Центар Жупа активно работат на развојот на туризмот, а геотермалните извори во Бањишта и Косоврасти додаваат дополнителна вредност, придонесувајќи за привлекување на туристи.

-Со гордост гледам на успешната реализација на проектот, кој значително го подобрува целокупното функционирање на регионот. Особено сме задоволни што Дебарското Езеро и геотермалните извори во Бањишта и Косоврасти се искористени како важни ресурси за развој на туризмот и бањскиот туризам, нагласил директорот на Центарот за развој на Југозападен плански регион, Ваљон Каба.

Градоначалникот на Општина Дебар, Хекуран Дука и градоначалникот на Општина Центар Жупа, Аријан Имбраим, исто така присуствуваа на средбата и изразија задоволство од реализацијата на проектот и резулатите од имплементираните активности. сст/цр/

Остани поврзан