• недела, 24 ноември 2024

Пендаровски ја оспорува тезата дека измените во Кривичниот законик се направени за враќање на поранешниот премиер во земјата

Пендаровски ја оспорува тезата дека измените во Кривичниот законик се направени за враќање на поранешниот премиер во земјата

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) - Ја оспорувам тезата дека измените на Кривичниот законик се направени за поранешниот премиер Никола Груевски да се врати. Не е вратен. Јас не го гледам. Сигурно и да има (некаков план за негово враќање) нема да оди преку мене, истакна вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски.  

- План А, план Б кај мене нема. Јас не сум дел од некаков план. Имаме еден месец закон во сила, потпишан указ. Каде е Груевски? Како е вратен? Каде е скриената амнестија? Медиумите шпекулираат дека Груевски ќе се врати со некое начелно правно мислење на Врховниот суд. Тогаш зошто се измените на Кривичниот законик, ако беше доволно да ги усвоиме па да се врати, праша Пендаровски во вечерашното интервју во емисијата Вин Вин на ТВ Телма.  

Шефот на државата тврди дека „во ниедна варијанта“ не би дал амнестија како претходниот претседател Ѓорге Иванов, но потврди дека му пристапиле со барање за амнестија на Груевски од врвот на најголемата опозициска партија. 

-Да бидам прецизен од врвот на најголемата опозициска партија бидејќи, таму немојте да мислите дека владее идеално единство. Има луѓе кои би сакале да бидат калиф наместо калифот. Повеќе не можам да ви кажам, рече Пендаровски. Потоа додаде дека нему директно никој не му пристапил, туку дека тоа било направено преку посредници. 

Шефот на државата го негира тврдењето на опозицијата дека имало состанок кај него за амнестија за што се дели стенограм.   

Зборувајќи за измените во Кривичниот законик, Пендаровски рече дека не се точни формулациите во медиумите дека паѓаат или застаруваат побрзо предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство. 

-Кога е направено СЈО? Во 2015? Осум години до сега. Колку осудивте до сега по тој член 353 како СЈО? Пред три години ги префрливте. Дали сакате да биде 28 години за застареност, вели Пендаровски.

Посочи дека пресуда има за случајот со „мерцедесот на Груевски“ и дека најмногу случаи во Судот во Стразбур имаме за застареност на делата. 

-Еве го „мерцедесот на Груевски“ по еден од тие ставови. Вели прибавел имотна користа за себе, го оштетил буџетот или оштетил некој трет. Како е оштетен буџетот со возило кое се купува од безбедносни резони и не треба втор понудувач и ден денеска е во употреба. Како прибавил имотна корист за себе Груевски или Гордана Јанкуловска, а ден денеска го возиме кога ќе дојде некој претседател или премиер. Еве на 29-ти во Скопје ќе дојде (претседателката на Европската комисија) Урсула Фон дер Лајен. Ќе се вози во истиот мерцедес. Значи не можете вие во таканаречени еластични норми, да бидам културен, да ставате се затоа што не можете на друг начин да осудите, рече Пендаровски.

Претседателот на државата на забелешката дека измените на Кривичниот законик беа донесени набрзина и тој веднаш ставил потпис, рече дека не ги знае мотивите на Владата, но, меѓу другото, кажа дека се подготвува нов законик што ќе содржи член во кој ќе се третираат злоупотребите. 

Пендаровски се уште не се изјаснува дали ќе се кандидира на претседателските избори за следен мандат. Вели дека ќе чека до крајот на годината. Тоа го објаснува со фактот дека секогаш за претседателски кандидат кај нас застануваат најголемите политички блокови. Според Пендаровски, неговиот рејтинг е стабилен и не е променет. 

- Јас сум петтиот македонски претседател. Ниту еден од нас не станал како сосема независен кандидат. Да може да се случи на пример Хрватска со Милановиќ, да не кажам други европски држави, излегуваш практично без чија било поддршка, подоцна ти ја даваат партиите и странките таму поддршката и самостојно влегуваш во битка и ја добиваш. Стипе Месиќ пред 20 години од една минорна политичка партија со статистичка грешка доби. Значи, мора да имаш некаков личен рејтинг и мора да бидеш поддржан од поголемите политички партии бидејќи ни е такво општеството и македонско и албанско.  Во однос на мојот личен рејтинг јас немам никаква дилема, бидејќи ги знам статистиките. Мојот рејтинг во изминативе пет години не е мрднат од тоа што беше 2019, нека не звучи препотентно, меѓутоа од прилика во тие параметри е, рече Пендаровски. 

На индивидуално ниво, како што вели, има најголема поддршка и во однос на опозициските кандидати и на кандидатите од власта. ев/са/

ФОТО: МИА Архива

Остани поврзан