• четврток, 21 ноември 2024

Пендаровски: Шансите да се кандидирам за втор мандат денеска се поголеми отколку да не се кандидирам

Пендаровски: Шансите да се кандидирам за втор мандат денеска се поголеми отколку да не се кандидирам

Скопје, 11 декември 2023 (МИА) - Претседателот на државата, Стево Пендаровски, се уште не донел одлука дали ќе се кандидира за втор мандат на следните избори, но, како што рече во вечерашното интервју за емисијата „360 степени“, ако се прашува денес, шансите да се кандидира се поголеми отколку да не се кандидира.

Според Пендаровски, поддршката од политичките субјекти, но не помалку, ако не и повеќе, поддршката од граѓаните, ќе бидат клучни во носење на неговата одлука.

-Во 2014 година зад мојата кандидатура застанаа 18 политички партии, во 2019 застана 31 политичка партија. Повторно, само со поддршка на политичките партии не е можно да бидете претседател. Потребен е и граѓанскиот дел, што не е врзан со политичките партии, да се реши да ви даде глас, затоа што само со зборот, или акумулацијата на само партиските електорати, не може да станете победник, нагласи претседателот Пендаровски.

За одлуката претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно, тој ја оцени како добра, пред се од финансиски аспект, но и поради обезбедување на подобра политичка мобилизација и излезност на граѓаните.

На прашањето дали смета дека ДУИ може да ги мобилизира своите гласачи ако го поддржат на претседателските избори, претседателот Пендаровски потенцираше дека сите албански политички партии ќе имаат проблем да го мобилизираат своето членство, ако во вториот круг останат двајца Македонци.

Во однос на анкетите, претседателот вели дека не се лоши, но истакна дека тие се однесуваат на претпоставената сила на политичките субјекти, а она што потешко се мери, според него, е граѓанскиот електорат, кој, како што кажа, не е поврзан со политичките партии, а коишто на анкетите, над 60 отсто, се изјаснуваат дека во принцип не се заинтересирани за гласање.

Додека во однос на прашањето околу неговиот став за иницијативата за укинување на така наречената „пржинска влада“, која според закон, се избира сто дена пред парламентарните избори, а во која опозициската партија со најголем број пратеници во Собранието добива министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри во неколку ресори со врзан потпис со министерот, Пендаровски рече дека се уште има потреба од техничка влада се додека не се дојде до ниво на политичка култура во која поразот ќе се признае вечерта, а тоа, како што наведе, ќе се базира на веродостојни факти од теренот кои кажуваат дека стварно си победил.

-Подобро да има и такво функционирање во делови и нефункционирање временски на техничката влада отколку да бидете на страна и да речете „нема кој да ги сопре, нема никаква кочница во таа влада“. Тогаш, влези внатре, макар еден од сто случаи ако го спречиш во таа насока, е добро и за тебе добро и за македонската демократија, изјави претседателот на државата. сх/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан