• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски: Со масовна мобилизација на 24 април и на 8 мај не очекуваме ништо помалку од две победи

Пендаровски: Со масовна мобилизација на 24 април и на 8 мај не очекуваме ништо помалку од две победи

Скопје, 15 април 2024 (МИА) - Вечерва со бројното присуство потврдуваме дека ова не е вмровска општина како што некои мислат, туку е општина на граѓани кои сакаат својата државата, Македонија, да ја видат што е можно поскоро како дел од развиена и просперитетна Европа, изјави кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски, на вечерашниот митинг во Гази Баба.

- Нема враќање назад. Со ова присуство, со овој ентузијазам, со масовна мобилизација на 24 април и на 8 мај не очекуваме ништо подолу, ништо помалку, отколку две победи. На 8 мај да дојдеме повторно овде и да ги прославиме двете победи и на парламентарни и на претседателски избори, рече тој.

Пендаровски посочи дека доколку ја добие довербата на граѓаните, ќе продолжи со неговата работа како и досега.

- Мислам дека и македонската јавноста имаше прилика изминативе пет години да види што работи претседателот на Македонија. Дали како некои кои претходно се криеја во вилата на Водно и не знаевме дали се таму воопшто дојдени на работа, или беше секој ден помеѓу својот народ. Илјадници луѓе дојдоа во мојот кабинет, се пожалија на проблемите, побараа помош за нивно решавање, не бев затворен, не бев изолиран, ниту таков ќе бидам во следните пет години, ако, здравје Боже ја добијам вашата доверба, дополни тој.

На митингот, Пендаровски ги потенцираше како успеси договорот со Грција и членството во НАТО Алијанса.

- Кога се обидовме истото тоа да го направиме и со ЕУ, за жал, се испречивме пред двојна блокада. Првата блокада од нашиот источен сосед кој се обидуваше од нас да направи тоа што ние никогаш не сме биле, а сите знаеме без било какви договори и гаранции дека ние сме биле од век и веков Македонци, кои зборуваат македонски јазик. И внатрешна блокада, која, според мене, е пострашна затоа што доаѓа од главната опозициона политичка партија, рече тој.

Тој се осврна и на изјавите на опозициската партија дека ќе ги поништи и повторно ќе ги преговара сите договори.

- Кој ни дава гаранција, ги прашуваме за тоа дека тие договори се воопшто возможни, кој од меѓународните фактори е со вас пријател, стратешки партнер кој може да ви даде гаранција – ветер во грб, да направите подобар договор за Македонија? Драги пријатели, немаат ни еден единствен стратешки партнер кој ние веќе не сме го обезбедиле, кој не е веќе на наша страна, рече претседателот.

Според него, како што рече, единствениот вистински пат, единствената гаранција за нашата перспектива, иднина, судбина и единствената надеж за младите е западниот пат и западната Алијанса.

-  Ниеден од овие млади деца кој се сели од Македонија не оди во Русија, во Белорусија или во Кина туку среќата ја бараат во Америка, во Германија, во Канада или во Нов Зеланд. Сите развиени држави економски и сите супер економии. Најдобрите универзитети се таму, најдобрите здравствени системи се таму, најнезависните судски системи се таму. Ние се стремиме да бидеме таму за да бидеме како нив, да добиеме не пари од кај нив, да добиеме ум, принципи и вредности врз кои ќе ја уредиме нашата Македонија да личи на просечна европска развиена и просперитетна земја. Затоа тоа е единствената опција, дополни тој,

Пендаровски повика на масовна мобилизација на 24 април.

- Немате многу што да се мислите. Не читајте сѐ на ливчето, само бројот 1 го заокружувате и имате гаранција дека Македонија ќе продолжи напред, рече тој.

Претходно, Кандидатот за претседател на коалицијата предводена од СДСМ беше на средби со жителите на скопските општини Сарај, Чаири Ѓорче Петров. ар/нд/

Фото: Пендаровски; Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан