• сабота, 21 декември 2024

Пендаровски: Иновацискиот екосистем најповолна средина за дигиталната трансформација

Пендаровски: Иновацискиот екосистем најповолна средина за дигиталната трансформација

Скопје, 25 април 2023 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски, на денешното отворање на научно-технолошката конференција „Традиционалните индустрии и креативните сектори испречени на патот на економската криза“ која е организирана од страна на неговиот Кабинет во соработка со „Македонија 2025“, посочи дека во ова време кога кризите се зголемуваат по број, според интензитет и сложеност, и кога е малку веројатно дека сето тоа ќе се смири за брзо време, клучната дилема е „како да се обезбеди развој во доба на неизвесност“. Како фактор што нуди решение меѓу сите други што нудат неизвесност, претседателот укажа на дигиталната трансформација, а како најповолна средина за користење, како и за амортизација на ризиците од истото, тој посочи дека тоа е иновацискиот екосистем.

Но сепак, според Пендаровски, македонскиот стартап екосистем е исправен пред три големи предизвици како што се иселувањето на младата популација, образовниот предизвик или поточно недостигот на висококвалификувана работна сила со дигитални вештини и релевантни способности како главна пречка за иновациите и во регионот на Западниот Балкан и во земјава и политичкиот преку повеќедецениската етнизација на политиката, партизација на институциите и поларизација на македонското општество.

- Наместо да ја губиме енергијата со политички теми кои најчесто без потреба не преокупираат 24/7, сите политички чинители треба да изградат консензус околу создавањето амбиент за иновации затоа што тоа е витален национален интерес. Развојните приоритети што ги идентификувавме се дигиталната трансформација преку промовирање на дигитална економија и образование, подигнување на дигиталната писменост, развој на македонскиот ИТ сектор и целосна дигитализација на сите јавни услуги. Потоа, образованието, младите и инклузивниот развој. За да излеземе од надолната спирала на застарено образование, невработеност и сиромаштија, социјална исклученост и масовно иселување, потребни ни се добро обмислени реформи во чекор со времето, истакна Пендаровски.

Додаде дека овие приоритети треба да бидат вградени во деталната Национална развојна стратегија 2021-2041 што ја изработува Владата и во продолжение истакна дека во овој стратешки потфат, државата има тројна улога. 

- Прво, да изгради современо образование прилагодено на светските трендови и на побарувачката на пазарот на трудот. Второ, да ја регулира рамката во која со јасни правила ќе функционираат тие екосистеми. Трето, да создава услови неопходни за екосистемите да генерираат профит за инвеститорите, но и долгорочна добробит за општеството затоа што Македонија и според уставот мора да е социјална држава. Во таа смисла, ја имаме поддршката од Европската Унија која ја донесе „Агендата за Западниот Балкан за иновација, истражување, образование, култура, млади и спорт“, посочи тој.

Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, пак, во неговото обраќање подвлече дека сегашните генерации се современици на промени кои темелно го форматираат севкупниот систем, кои бараат брзи одговори, брзи моделирања и серија на економски политики, мерки и активности.

- Северна Македонија својата институционална авангардност во овој домен веќе ја покажа, неодамна го воведовме првиот дигитален асистент АДА, како важен елемент во имплементирањето на националните економски политики за поддршка на нови инвестиции, но и како важен институционален исчекор во давањето на импулс во развојот на претприемачка свест во државата која ќе има изградено сензибилитет за значењето и неопходноста на дигиталната трансформација, посебно во сегментот на интегрирање на вештачката интелигенција во деловните процеси, како олеснителен фактор во остварувањето на економски успеси, односно редуцирање на трошоците и раст на приходите, посочи Битиќи.

Тој рече дека Фондот за иновации и технолошки развој е централната институција за поттикнување и поддршка на иновативната дејност и истакна дека преку финансиските инструменти на оваа институција ко-финансирани се 1.080 проекти, со заедничка вредност на инвестициите од околу 112 милиони евра, од кои над 50% се стартап компании.

- Во делот на индустриското производство, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, донесен во 2018 година, Владата креира и имплементира уште една економска мерка која е насочена кон зајакнување на иновативните капацитети на стопанството преку технолошки развој и истражување, стекнување на нови знаења и вештини за развој на нови производи, процеси и услуги, дополни Битиќи.

Исто така додаде дека веќе сме навлезени во процес на создавање на Развојна стратегија на Северна Македонија за наредните 20 години, преку која ќе ги прошириме хоризонтите кои овозможуваат креативни идеи и ќе поставиме рамка за зајакнување на структурните системски карактеристики во насока на градење на капаците за одговор на кризи во дигитална доба и порача дека Четвртата индустриска револуција пред традиционалното индустриско производство ги постави критериумите, кои треба да ги задоволи за да ја задржи својата конкурентност и отпорност на економски кризи.

Мајк Зафировски, еден од ко-основачите и член на Одборот на директори на „Македонија 2025“, кој исто така имаше свое обраќање на отворањето на научно-технолошката конференција „Традиционалните индустрии и креативните сектори испречени на патот на економската криза“, говореше за разликата меѓу државите и со посебен акцент подвлече дека мора да биде направено тоа што се кажува дека ќе се направи.

Освен тоа, потсетувајќи се на разговори коишто ги водел со поранешниот претседател, Борис Трајковски, тој спомна дека не постои успешна земја без локални компании но ја потенцираше и важноста на повлекувањето на странските инвеститори. сх/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан