• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски: Државата мора да дава поддршка на ИКТ индустријата

Пендаровски: Државата мора да дава поддршка на ИКТ индустријата

Скопје, 11 декември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска се обратил на приемот на Управниот одбор и на компаниите - членки на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ.

Пендаровски, истакнувајќи дека и годинава, според официјалните податоци, ИКТ индустријата бележи најголем раст и во однос на бројот на вработени и во однос на остварените приходи, потенцирал дека државата мора да дава поддршка на оваа гранка.

Придонесот на МАСИТ во изготвување на Стратегијата МКД 2030, како што посочи претседателот Пендаровски, е уште еден доказ дека оваа индустрија е една од приоритетните области за земјата, соопштија од Кабинетот на претседателот.

-Не гледам друга индустрија која толку брзо расте и која има таков потенцијал. Затоа Владата, било која и да е, во моментот било кој и да е претседател, мора да ви биде на услуга 24/7, подвлече претседателот Пендаровски.

Информирајќи за достигнувањата и напредокот во ИКТ индустријата во земјава, од комората информирале дека овој сектор континуирано се шири. Истовремено, од комората потенцираа дека од година в година во ИКТ индустријата расте бројот на вработени, а бележат и континуиран раст на платите. Тоа, како што истакнале од МАСИТ, е показател дека и во нашата држава може да има успешни приказни и младите да имаат бенефити и одлични работни услови, исти како и во развиените европски и светски земји.

Претседателот на Управниот одбор на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, Илија Господинов посочил и на неколку предизвици со кои што се соочуваат компаниите – членки на МАСИТ. Во таа насока, Господинов побара државните политики да бидат стратешка поддршка на ИКТ индустријата. фф/нд/

Фото: Кабинет на Претседателот на Република Северна Македонија

Остани поврзан