• среда, 21 август 2024

Пајат: За рудникот за литиум одлучува народот во Србија, САД го поддржуваат ставот на владата

Пајат: За рудникот за литиум одлучува народот во Србија, САД го поддржуваат ставот на владата

Белград, 21 август 2024 (МИА) - Рудникот за литиум е можност Србија да ги продлабочи врските со Европската унија (ЕУ) и да се позиционира како лидер во индустријата што ќе биде многу важна во иднина, но народот на Србија треба да одлучи дали тој рудник ќе го има, изјави помошникот на државниот секретар на САД за енергетика Џефри Пјат, јави дописникот на МИА од Белград.

Во интервју за Гласот на Америка (ВОА), Пајат рече дека западните земји бараат алтернатива во снабдувањето со литиум, бидејќи тие се во голема мера зависни од Кина.

Пајат одговори и на тврдењата од Москва дека Западот ја урива власта во Србија преку протести против литиумот и посочи дека ситуацијата е спротивна - дека Америка ја поддржува владата во Србија во врска со проектот Јадар и Рио Тинто.

-Ова е важен проект за САД од неколку причини. Пред се, тоа е можност за продлабочување на врските меѓу ЕУ и Србија, што е цел на американската политика со години. Тоа е исто така важен дел од нашаето партнерство со ЕУ за да се забрза енергетската транзиција и да се произведат големи количини клучни минерали потребни за да се исполни целта што сите ја сакаме - а тоа е намалување на емисиите на јаглерод диоксид во нашите економии, објасни Пајат.

На прашањето како ги коментирате обвинувањата од Русија дека Западот преку протести против Рио Тинто сака да ја дестабилизира ситуацијата и да ја собори власта во Србија, Пајат рече дека тоа е „целосно бесмислено“.

-Јасно е дека има само една земја која е заинтересирана Србија да остане ранлива и зависна. А последен пат кога проверив, тоа беше Руската Федерација, рече помошникот државен секретар на САД за енергетски ресурси.

Тој рече дека „сите сме премногу зависни од една земја, Кина, која контролира голем дел од ископувањето и преработката на овие енергетски минерали“.

-Постои систематски обид во ЕУ и САД да се диверзифицира синџирот на снабдување. Прашањето од каде ќе дојде оваа диверзификација е сè уште отворено. Но, Србија, поради својата геологија, има единствена можност да игра глобално значајна улога во тој процес, изјави американски функционер.

На прашањето на ВОА дали проектот е важен за Србија, Пајат рече дека „народот на Србија треба да одлучи за тоа“.об/

 

Остани поврзан