• недела, 19 јануари 2025

Патеката „Свети води“ низ паркот Преспа

Патеката „Свети води“ низ паркот Преспа

Ресен, 19 јануари 2025 (МИА) - Од двете страни на планината Баба, во битолскиот и преспанскиот дел има недоброј извори за чии води посетителите велат дека се свети и лековити. Тоа е само еден мотив за проектот „Свети води“, што како нова туристичка атракција на брегот на Преспанско Езеро го реализира Општина Ресен.

Прекрасниот збир од културни, еколошки и туристички дестинации на подрачјето на паркот Преспа, првата заштитена прекугранична област на Балканот, се дополнува со патеката на „Свети води“ која поврзува пет манастири во општината Ресен, и се со цел на јавноста да и биде прикажано големото културно, историско и византиско наследство во прекуграничната област.

Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски појаснува дека на територијата на Општина Ресен, во градот и населените места има многу цркви и манастири, а патеката „Свети води“ е поставена и ги поврзува манастирите на источниот планински брег на Преспанско Езеро, под националниот парк Пелистер. Патеката почнува од селото Подмочани и води кон Грнчари, Курбиново, Сливница, Брајчино, Љубојно и Долно Дупени.  

-Доживувањата почнуваат од духовно-црковниот комплекс посветен на светите Петар и Павле, каде во село Подмочани е подигнат и се вишнее Преспанскиот крст, изграден во 2000 година, а по повод јубилејот 2000 години христијанство. Крстот е висок 33 метри со што симболично прикажани се годините на Исус Христос. Преспанскиот крст е видлив од сите страни на Преспа и е осветлен со 14 рефлектори. Патеката „Свети води“ е рекреативна и атрактивна со повеќе локации на кои има видиковец од каде се гледа Преспанско Езеро, а продолжува низ планината Баба и Националниот Парк „Пелистер“, посочи Тозиевски.

Патеката е лесно пристапна, а за заинтересираните туристи обезбедени се информации за проектот „Свети води“ и духовните вредности на Преспа кои продолжуваат низ селото Грнчари каде е црквата Св. Илија.

- Во проектот „Свети води“ беа вклучени и наши стручни лица вработени во НУ Завод и Музеј-Битола. Нашиот ангажманн беше поврзан со конзервација на архитектурата на црквата Св. Илија во селото Грнчари. Ние го заштитивме ѕидното сликарство, но интересно е да се нагласи дека откривме и нови површини со живопис кои потекнуваат од подоцнежни периоди. Имено за време на реконструкцијата на западната фасада, над влезната врата откриен е поголем фрагмент со Свети Никола кој всушност бил и првиот патрон на црквата, потврдија од НУ Завод и Музеј-Битола.

Патот на туристите од Грнчари продолжува кон Курбиново каде се наоѓа импозантната црква „Св. Ѓорѓи“. Имајќи пред вид дека освен домашни има и туристи од странство и благодарение на проектот, отпечатен е леток на македонски и англиски јазик, посочија од секторот за односи со јавност на Општина Ресен.

- Секој посетител може да прочита за храмот Св. Ѓорги Победоносец во Курбиново кој е изграден во 1191 година од мала група зографи кои го создале највредниот уметнички ренесансен бисер на Преспа. Храмот се вбројува во кругот на врвните естетски достигнувања на византиската ликовна култура. Тоа е манастир како што велат со скромна надворешност и раскошна ренесансна внатрешност. Сместен во пазувите на планината Баба, со векови е дом на Ангелот од Курбиново, будно чуван од својот патрон Св. Ѓорги Победоносец. Потсетуваме, ни рекоа од Општина Ресен, манастирот во 1952 година е прогласен за Споменик на културата.

Патеката „Свет води“ во Преспа завршува со посета на манастирот Рождество на Пресвета Богородица, кој се наоѓа во непосредна близина на селото Сливница, а датира од 17 век. Манастирот се наоѓа во густа листопадна шума, високо над источниот брег на Преспанско Езеро на надморска височина од 1300 метри. Во манастирскиот комплекс има црква и конаци, а крај црквата имз извор на света вода за чии чудотворни и исцелетилни особини луѓето зборуваат со почит.

- Изворот на светата вода се наоѓа под самата црква и тоа е само една од причините истиот да се посети. Но има и многу други кои туристите ги користат. Ние како локална самоуправа сме презадоволни што овој македонско-грчки пограничен проект само за една година ги оправда и исполни нашите очекувања и токму затоа во текот на оваа 2025 година ќе аплицираме и уверени сме дека ќе добиеме европска поддршка за продолжување на проектот „Свети води“. Нашата намера е од селото Сливница патеката да продолжи кон Долно Дупени затоа што и на овој потег има многу цркви и манастири и планински чешми со вода. Прекрасен е погледот и можноста истовремено да се гледаат планината и езерото, посочи градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски.

Патеката „Свети води“ низ Преспа е можност секој турист и туристички групи да се движат низ чиста недопрена природа, дополнета со богато културно наследство.

Туристичките точки веќе се мапирани, а со понатамошно вложување во локалната инфраструктура уште повеќе ќе се зголеми опфатот и видливоста на културниот и туристички производ во пограничната област Преспа во која патеката „Свети води“ има посебно значење.

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Остани поврзан