• петок, 05 декември 2025

Партијата „Грузиски сон“ прогласи победа на локалните избори 

Партијата „Грузиски сон“ прогласи победа на локалните избори 

Тбилиси, 4 октомври 2025 (МИА) - Владејачката партија во Грузија „Грузиски сон“ прогласи победа на денешните локални избори, по објавувањето на резултатите од излезните анкети, според кои кандидатот на партијата и актуелен градоначалник на Тбилиси, Каха Каладзе, освоил повеќе од 77 проценти од гласовите.

Во централниот штаб на партијата во Тбилиси се одржа прослава, каде што највисоките функционери на „Грузиски сон“, вклучувајќи го и поранешниот премиер и основач на партијата, Биџина Иванишвили, им се обратија на собраните поддржувачи, пренесува Грузијан Јуроњуз.

-Победивме во сите општини на Грузија веќе во првиот круг. Нашата сила е во народот, а опозицијата се обидува да нè провоцира и да предизвика хаос, иако доживеа катастрофален пораз, рече Иванишвили.

Градоначалникот на Тбилиси, Каха Каладзе, му се заблагодари на Иванишвили за довербата и изрази гордост што, како што рече, е „соборец на човек кој е одговорен за мирот и стабилноста во земјата“.

Премиерот на Грузија, Иракли Кобахидзе, исто така, им се обрати на присутните, оценувајќи ги резултатите од излезните анкети како „импресивни“ и велејќи дека тие се „резултат на заеднички напор и посветена кампања“.

Лидерите и поддржувачите на владејачката партија останаа во седиштето на партијата до вечерта, чекајќи ги првите официјални резултати што ќе ги објави Централната изборна комисија, додека броењето на гласовите сè уште е во тек.

Претходно денеска специјалните единици на грузиската полиција употребија водени топови и бибер спреј за да ги растераат демонстрантите пред претседателската резиденција во Тбилиси, објави Министерството за внатрешни работи на Грузија.

Ситуацијата ескалираше кога дел од толпата ги оштети заштитните огради и влезе во дворот на претседателскиот комплекс.

Меѓу учесниците на протестот беше и еден од лидерите на опозицијата, Пата Бурчулаѕе.

Во текот на вечерта имаше неколку физички судири меѓу демонстрантите и припадниците на специјалните сили.

Муртаз Зоделава, член на опозициската партија „Обединето национално движење“, претходно им рече на десетиците илјади собрани на Плоштадот на слободата во Тбилиси дека следниот чекор ќе биде „преземање на претседателската палата“, откако организаторите на протестот објавија дека „власта се вратила кај народот“, објави локалниот портал „Цивил Џорџ“.

Локалните избори се одржуваат истовремено во 64 општини и региони низ целата земја, а граѓаните избираат градоначалници на пет самоуправни градови, Тбилиси, Кутаиси, Батуми, Рустави и Поти - како и градоначалници на 59 општини и советници на локалните собранија.

Во изборниот процес учествуваат 12 политички партии, додека дел од опозицијата најави бојкот.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан