Ал Будајви: Земјите од Персиски Залив сакаат продлабочување на соработката со ЕУ
- Генералниот секретар на Советот за соработка во Персиски Залив, Џазем Мохамед ал Будајви, во денешниот говор пред европратениците во Комитетот за надворешни работи на Европски парламент, истакна дека е потребна поголема билатерална соработка со Европска Унија за заштита на меѓународното право и владеењето на правото
Брисел, 15 април 2026 (МИА) – Генералниот секретар на Советот за соработка во Персиски Залив, Џазем Мохамед ал Будајви, во денешниот говор пред европратениците во Комитетот за надворешни работи на Европски парламент, истакна дека е потребна поголема билатерална соработка со Европска Унија за заштита на меѓународното право и владеењето на правото.
Според него, потребно е да се продлабочи соработката со ЕУ во областите на одбраната, енергетиката, дигитализацијата.
- Зајакнувањето на нашите врски е стратешка неопходност, истакна ал Будајви.
Тој наведе дека неодамнешните настани на Блиски Исток и нападите на Иран врз земјите од регионалната организација ќе имаат последици во наредните децении.
- Акциите на Иран претставуваат закана за регионалната стабилност, тие нанесоа длабока рана, посочи ал Будајви, додавајќи оти нападите на Техеран врз цивилни цели во земјите од Персиски Залив се преземени и покрај уверенијата дека овие држави нема да дозволат воени напади врз цели во Иран.
Тој повика и на слободна пловидба низ Ормуска Теснина и ги опиша како неприфатливи обидите за користење на овој морски пат за економски или политички притисок. ми/ссм/
фото: ЕПА