• недела, 30 јуни 2024

Папата одговара на прашања од верниците и сиромашните

Папата одговара на прашања од верниците и сиромашните
Париз, 24 март 2022 (МИА) - Под папското руво „се крие“ нормален, обичен човек... „Брзоплет човек, лош фудбалер ’со две леви нозе‘ и ми пречи што никогаш немам ни паричка в џеб“, вели папата Франциск во новата биографска книга. Луѓе од Бразил, Индија, Иран, САД и 80-на други земји испратија 100 прашања до Папата, чии одговори се собрани во книга што ќе биде објавена на 1 април, под наслов - „Од сиромав - до папа, од папата до светот“, а заснована на одговорите на Франциск на прашања од обесправените и сиромашните во светот. „Колку плата земате?“ „Дали некогаш сте имал девојка?“ „Дали имате маани?" - Ова се некои од прашањата до Папата како дел од проектот на француското здружение „Лазар“, кое управува со заеднички домови за поранешни бескуќници. „Јас сум вжештена глава - нетрпелив. Понекогаш брзам со одлуките“, гласи еден одговор од поглаварот на Католичката црква во книгата. Поглаварот на 1,2 милијарди католици во светот се согласи да учествува во проектот „и беше изненадувачки искрен, дури и за многу личните работи“, рече Пјер Дурие - раководител на здружението. - И покрај лудиот распоред, тој одвои време да ги слушне сите прашања, до едно!, рече Дурие. Папата, кој себеси се опишува како сонувач и обожавател на францускиот поет Бодлер, е роден како Хорхе Марио Бергољо. Го избрал името Франциск за да покаже дека во неговото папство, сиромашните во светот ќе бидат во првите редови. Тој тука говори и за својот живот, семејството, вкусовите, свештеничките должности и нетолеранцијата кон луксузот... Следат делови од одговорите... „Ме боли кога луѓе од црквата - свештеници, бискупи, кардинали, се возат во луксузни автомобили, далеку од тоа да даваат пример за скромност“, истакнува католичкиот поглавар. Тој ги отфрла сите скапи работи, иако признава дека не би можел да ги купи и да сака. „Не добивам плата. Ниту еден денар! Ме хранат, а ако ми треба нешто, само ќе побарам", појаснува тој. - „Патем, секогаш ми велат - ’да‘. Никој не сака ‘да се расправа’ со папата“. „Мојата сиромаштија е привидна затоа што ништо не ми недостига. Но, малку е апсурдно што морам да прашувам за сè. Тоа ме прави помалку самозадоволен", признава папата. Сепак, тој сигурно нема да бара едно нешто - копачки. Иако неговиот омилен спорт е фудбал, папата, инаку роден во Аргентина, никогаш не бил вешт во овој спорт. „Кога бев млад, секогаш ме ставаа на голот бидејќи бев лош играч. Ми велеа дека имам ’две леви нозе‘," се пошегува папата Франциск.  си/

Остани поврзан