• понеделник, 25 ноември 2024

Панел-дискусија „Прогресивни политики - одговор на предизвиците на земјите од Западен Балкан“

Панел-дискусија „Прогресивни политики - одговор на предизвиците на земјите од Западен Балкан“

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) – „Прогресивни политики - одговор на предизвиците на земјите од Западен Балкан“ беше насловена панел-дискусијата што вечерва ја организираше Фондацијата „Фридрих Еберт“ со учество на лидери и претставници од социјалдемократски партии од Западен Балкан и од Германија.

Претседателот на Социјалдемократската партија (СПД) на Германија, Ларс Клингбаил рече дека процесот на проширување е еден од одговорите на прашањето како Европа може да стане поголем геополитички актер.

-Интересот на Германија и на целата Европска Унија е да ја прошири Европа и шесте земји од Западниот Балкан се многу важни во тој процес. Сигурен сум дека доколку сакаме да имаме силна ЕУ, потребен ни е процесот на проширување. Мора да се фокусираме на силна економија, на нови работни места, на регулаторни прашања и на тоа како можеме да ја зајакнеме Европа, рече Клингбаил.

Посочи дека десничарските партии стануваат посилни, но најдобар одговор во борбата против популистичкиот пристап, рече, се прогресивните политики на прогресивните партии како што се сестринските социјалдемократски партии.

-Ние сме силно движење низ Европа и мора да се фокусираме на главното прашање - на платите, социјалната правда, даночната политика, приходите, што е клучна дебата и за изборите во Европскиот парламент, рече лидерот на СПД. 

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски нагласи дека единствениот пат напред за Западен Балкан е интеграцијата во ЕУ преку градење економски просперитет, социјална правда и преку демократија и владеење на правото. 

-Тоа се три главни столба на бенефициите што произлегуваат од членството во ЕУ, од вредностите што земјите ќе ги присвојат како членки на ЕУ.... По војната во Украина, ЕУ научи на тежок начин дека проширувањето мора да се случи и дека ако ЕУ нема да го исполни просторот со интеграција, тоа ќе го пополни некој друг со инвазија. Тоа се случи во Украина, рече Ковачевски. 

Осврнувајќи се на изминатите две години додека беше на чело на Владата, истакна дека како социјалдемократи успеале да ги исполнат елементите за напредок во општеството и направи споредба каква била државава во 2016 и каква е во 2024. 

-Ако ја споредиме со 2024 – во 2016 тоа беше земја која по сите мерења од ЕУ беше заробена држава во која демократијата се распаѓаше... Станавме членка на НАТО и по 17 години почнавме преговори со ЕУ. Ако ова не се резултати, тогаш да споредиме што имавме 11 години, до 2016 година, рече Ковачевски.

Додаде дека се зголемени платите, пензиите, странските инвестиции, намалена е невработеноста, а јасните социјалдемократски политики, како што рече, дале резултати за време на најголемата пандемија и економската и енергетска криза. Притоа посочи дека државната помош за антикризни мерки била најголема во регионот – 2,6 милијарди евра во неколку пакети. 

Потпретседателката на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) Радмила Шекеринска во воведното обраќање рече дека јасната посветеност кон Западниот Балкан треба да биде проследена со акција, не само со зборови. 

-Тоа е важно и за Западен Балкан, но и за ЕУ. Како ПЕС секогаш сме биле за прогресија на проширувањето. Како ПЕС сме најдобар пријател на Западниот Балкан и тука не сум пристрасна. Но, исто така, сме и најдобар пријател на регионот во нагласувањето дека проширувањето треба да биде за вредности и за критериуми што ќе ги направи земјите поефикасни и понасочени кон граѓаните, додаде Шекеринска. 

Посочи дека актуелни се разговорите за манифестот на ПЕС за изборите во Европскиот парламент и дека она што ПЕС продолжува да бара е ефикасна политика на проширување почнувајќи со Западниот Балкан. 

-Имаше страв меѓу нас дека Балканот ќе падне под сенка на источното проширување. Партијата на европски социјалисти беше јасна дека оваа грешка треба да се избегне. Затоа сметам дека заедно, во рамки на регионот, но и во форматот на ПЕС, ќе можеме да ја движиме агендата на проширување напред, но и прогресивната политика напред, нагласи Шекеринска.

Претставничката на Фондацијата „Фридрих Еберт“ Хелен Кортлаендер се осврна на подемот на десничарскиот екстремизам и дека низ цела Европа, рече, гледаме зголемување на авторитарни десничарски алијанси кои се стремат да ги поништат сите постигнувања на либералните општества.

-Се соочуваме и со незадоволство во земјите кое има почва во материјалните нееднаквости и треба нов социјален договор. Прогресивните политики го имаат клучот за решенија за овие прашања кои ќе може да осигурат дека придобивките се почувствувани од сите граѓани, особено од оние што се под најголемо влијание на кризата, рече Кортлаендер, со порака дека прогресивните движења и сестринските партии од Западниот Балкан и пошироко може да работат заедно за поинклузивно и демократско општество во кое има правда. 

На панел-дискусијата учествуваа лидери на социјалдемократски партии или нивни претставници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово. хс/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан