• петок, 05 декември 2025

Панел-дискусија во Куманово „Учам за подобра иднина“

Панел-дискусија во Куманово „Учам за подобра иднина“

Куманово, 18 септември 2025 (МИА) - Мотивирачка панел – дискусија под наслов „Учам за подобра иднина“, организирана од страна на кабинетот на министерот без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030 година се одржа денеска во кумановското основно училиште „Христијан Карпош“, информираа денеска од општина Куманово.

Оваа стратегија опфаќа повеќе приоритетни области: образование, здравство, вработување, борба против сиромаштија, култура, домување и унапредување на пристапот до документација, со посебен фокус на ромските деца во делот на образованието.

- Целта на оваа едукација е да се потенцира дека примарен поттик за младите Роми треба да биде образованието како долготраен процес на знаења и вештини за подобра иднина. Иницијативи од ваков тип покажуваат дека посветеноста и заедништвото се основа за инклузивно општество, информираа од општината.

На едукативниот настан се обратија директорот на ООУ „Христијан Карпош“ Слаѓан Спасовски, образовниот медијатор Ирфан Мартез, доктор по општа медицина Ресмија Асановска, која ја презентираше својата животна приказна.

Раководителот на Сектор за образование Јовановиќ истакна дека образованието претставува клучен чекор кон успех и рамноправни можности во сите општествени сфери за секое дете.

Дискусијата ја проследија ученици од шесто до деветто одделение, родители, како и претставници од кабинетот на министерот без ресор. ам/вј/

Фото: Општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан