Палестински дипломат во Хашкиот трибунал го обвини Израел дека убива и раселува цивили
- Палестинскиот амбасадор во Холандија, Амар Хиџази, денеска пред Меѓународниот суд на правдата го обвини Израел за убивање и раселување цивили и напаѓање хуманитарни работници во Газа.
Хаг, 28 април 2025 (МИА) – Палестинскиот амбасадор во Холандија, Амар Хиџази, денеска пред Меѓународниот суд на правдата го обвини Израел за убивање и раселување цивили и напаѓање хуманитарни работници во Газа.
Тој го изјави тоа за време на расправата во судската постапка која Израел ја нарече дел од „систематски прогон и делегитимизација на државата Израел“.
Израел негира дека намерно гаѓал цивили и хуманитарни работници во војната со Хамас и немаше делегација на сослушувањето во Меѓународниот суд на правдата.
Хиџази го обвини Израел за кршење на меѓународното право на окупираните територии.
- Израел ги изгладнува, убива и раселува Палестинците, а истовремено ги напаѓа и ги блокира хуманитарните организации кои се обидуваат да помогнат, рече тој.
Сослушувањата се водат по минатогодишното барање на Генералното собрание на ОН, кое од судот побара да ја процени правната одговорност на Израел откако ја блокираше работата на агенцијата на ОН за палестински бегалци на своја територија.
Адвокатот Пол Рајхлер, кој ги застапува Палестинците, им рече на судиите дека една од Женевските конвенции „не само што предвидува дека окупаторската сила мора да се согласи со плановите за помош во име на населението, туку инсистира дека мора да ги олесни со сите средства што ѝ се на располагање“.
Потсекретарката на ОН за правни прашања, Елинор Хамарскјелд, претходно изјави дека „мерките на окупаторската сила за зачувување на сопствената безбедност мора да се применуваат на начин што нема да им ја ускрати можноста на хуманитарните организации да пружат помош“.
Израел го блокираше влезот на храна, гориво, лекови и други хуманитарни резерви од 2 март и повторно почна со бомбардирање на 18 март, прекршувајќи го примирјето, и зазеде големи делови од територијата, велејќи дека има за цел да го принуди Хамас да ослободи повеќе заложници.
Светската програма за храна на ОН минатата недела соопшти дека резервите на храна во Појасот Газа се исцрпени.
Обединетите нации први му се обратија на судот, а потоа и палестински претставници.
Вкупно е предвидено учество на 40 држави и четири меѓународни организации. јт/
Фото: МИА архива