Пакистан и Индија се согласија да ги повлечат трупите на мирновременски позиции
- Повлекувањето беше договорено за време на последната рунда комуникација преку „жешката линија“ меѓу високи воени претставници од двете страни, додава германската агенција.
Исламабад, 20 мај 2025 (МИА) - Пакистан и Индија се согласија да ги повлечат трупите распоредени за време на нивниот неодамнешен судир на мирновременски позиции, во чекор кон деескалација по договорот за прекин на огнот, изјавија денеска пакистански разузнавачки извори за ДПА.
Повлекувањето беше договорено за време на последната рунда комуникација преку „жешката линија“ меѓу високи воени претставници од двете страни, додава германската агенција.
Според разузнавачките извори, двете земји треба до крајот на мај да се вратат на мирновременските позиции по должината на нивната граница и Линијата на контрола – која е де факто границата што го дели Кашмир.
На 10 мај, нуклеарно вооружените соперници се согласија на прекин на огнот по неколкудневните пресметки со беспилотни летала, ракети и воздушни напади, насочени кон воените инсталации и воздухопловните бази на другиот.
Повод за најновите тензии беше милитантниот напад на 22 април во индискиот Кашмир, во кој загинаа 26 лица, претежно индиски туристи, потсетува ДПА.
Њу Делхи го посочи прстот кон Исламабад, обвинувајќи го за поддршка на милитантите, а потоа на 7 мај во раните утрински часови започна напади и врз Пакистан и врз Кашмир, територија што е под пакистанска администрација, при што во судирите загинаа десетици лица и се разгореа стравувањата дека регионот е на работ на тотална војна.
Пакистан негираше дека имал каква било улога во нападот врз туристите и побара независни истраги.сд/
фото:МИА архива