• недела, 22 декември 2024

Пад на стапката на невработеност во ЕУ во август

Пад на стапката на невработеност во ЕУ во август

Брисел, 3 октомври 2023 (МИА) – Сезонски прилагодената стапка на невработеност во Еврозоната во август 2023 година изнесуваше 6,4 отсто, а на ниво на цела ЕУ беше 5,9 проценти, што претставува намалување како во споредба со претходниот месец, така и на годишно ниво, соопшти Европската статистичка служба – Евростат. 

Во јули годинава стапката на невработеност во Еврозоната изнесуваше 6,5 отсто, а во август 2022 година 6,7 проценти, додека на ниво на Унијата јулската овогодишна стапка беше 6,0 отсто, а ланската августовска 6,1 проценти.  

Според проценките на Евростат, како што јави дописникот на МИА од Брисел, во август 2023 година во ЕУ имало 12,837 милиони невработени лица, од кои 10,856 милиони биле во земјите од Еврозоната. Во споредба со претходниот месец, бројот на невработени во ЕУ се намалил за околу 112.000, а во Еврозоната за околу 107.000. Споредено со август минатата година бројот на невработени лица во ЕУ е намален за околу 335.000, а во Еврозоната за околу 407.000. 

Од вкупниот број невработени во ЕУ во август годинава, 2,687 милиони биле млади на возраст под 25 години, од кои 2,194 милиони живееле во Еврозоната. Со ова стапката на невработени млади луѓе во ЕУ изнесувала 14,0 отсто и останала непроменета во споредба со претходниот месец, додека во Еврозоната таа била 13,8 проценти, што претставува намалување споредено со јули 2023 година кога изнесуваше 13,9 отсто. 

Во апсолутни бројки, цифрата на невработени млади лица во август годинава е намалена за околу 10.000 на месечно ниво во ЕУ и за отколку 24.000 во Еврозоната. Споредно, пак, со август 2022 година бројот на млади кои биле без работа е намелен за околу 141.000 во ЕУ и за околу 145.000 во Еврозоната.  

Во август годинава, стапката на невработеност кај жените во ЕУ изнесувала 6,2 отсто, а кај мажите 5,7 проценти, со што и двете стапки останале непроменета во споредба со јули 2023 година. Во Еврозоната, пак, стапката на невработеност кај жените била 6,7 отсто, а кај мажите 6,1 проценти што е намалување на месечно ниво за 0,1 процентен поен и на двете стапки.  

Овие податоци се пресметани врз основа на глобално стандардизираната дефиниција за невработеност на Меѓународната организација на трудот (МОТ), која како невработени ги смета оние лица кои немаат вработување и активно бараат работа во последните четири недели, при што се достапни за да започнат со работење во рок од најмногу две недели. 

За целосен преглед на состојбата на пазарот на трудот во ЕУ и во Еврозоната, податоците за невработеноста се надополнети и со други показатели, како работници ангажирани со скратено работно време кои бараат целосно вработување, лица кои бараат работа, но не се достапни за работен ангажман во рок од две недели, како и лица кои се достапни за вработување, но не бараат работа. 

Евростат најави дека податоците за стапката на вработеност и невработеност во ЕУ и Еврозоната за третиот квартал од 2023 година ќе ги објави на 15 декември. сп/ссм/

Фото: МИА Архива/Евростат

Остани поврзан