• сабота, 23 ноември 2024

ОЈО: Поведена истрага против двајца дилери на марихуана, кај едниот пронајдена и муниција

ОЈО: Поведена истрага против двајца дилери на марихуана, кај едниот пронајдена и муниција
Скопје, 8 мај 2022 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против 32-годишен жител на Скопје, кај кого, во изнајмена барака, била пронајдена импровизирана лабораторија за одгледување марихуана. Во соопштението се наведува дека при претрес во бараката била пронајдена вреќа со исушени цветови, листови и гранки од растението канабис со вкупна тежина од 922 грама, како и три саксии со засадени стебла. Освен ова, во различни помали пакувања биле пронајдени уште 505,4 грама марихуана, дигитални ваги и друга опрема за одгледување на растенијата. - Јавниот обвинител против осомничениот поведе истрага за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, а со оглед на тоа што оцени дека се исполнети законските основи, до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, велат од ОЈО Скопје. При претрес во домот на 33-годишен жител на Крушопек, пак, полицијата пронашла 962 грама наркотична дрога – марихуана, како и 19 куршуми со калибар 7,62×39 мм. Од Основното јавно обвинителство информираат дека јавниот обвинител донел Наредба за спроведување истражна постапка и за ова лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи согласно член 396 став 1 од Кривичниот законик. До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Со решенија на надлежниот суд на двајцата осомничени им е определена мерка куќен притвор. ки/ац/

Остани поврзан