• недела, 22 декември 2024

ОЈО: Заврши распитот на таткото на Вања, во основа ги негира дејствијата

ОЈО: Заврши распитот на таткото на Вања, во основа ги негира дејствијата

Скопје, 5 декември 2023 (МИА) - Во обвинителството заврши распитот на таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска во врска со нејзиното убиство за кое тој е осомничен дека споделувал информации со останатите осомничени за нејзиното излегување од дома. Од ОЈО Скопје велат дека во основа тој ги негира дејствијата.

Малолетната Вања беше пронајдена мртва на 3 декември во близина на Скопје, по пријавата за нејзино исчезнување на 27 ноември годинава. 

Осомничени и во 48-часовен притвор за нејзиното убиство, покрај таткото, се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски - Палчо, кој е во бегство и надвор од државата и за кого е донесена наредба за спроведување истрага и издадена меѓународна потерница.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и скопскиот јавен обвинител, Гаврил Бубевски, вчера на прес-конференција ја образложуваа инволвираноста на таткото на Вања во случајот. Според нив, тројцата претходно приведени кажале дека тој му ги дал информациите на првоосомничениот во врска со движењето на неговата ќерка, за излегувањето од дома и маршутата на нејзиното движење.

Поврзано со овој случај е и убиството на 74-годишниот Панче Жежовски, кој, според надлежните, е, исто така, жртва на сопартијците.

Според обвинителот Бубевски, велешанецот е само „прометна жртва“ која била искористена за да се земе неговата кола и да се заврши, како што рече „целокупниот криминален потфат“, односно убиството на Вања, а мотивот за убиството на Панче е и тоа што тој имал должничко-доверителски односи со еден од осомничените. 

Додека, според првичните сознанија на полицијата и Обвинителството, мотивот за убиството на Вања е користољубие. Односно,групата сакала да изнуди пари од мајката на Вања, меѓутоа, до тоа не дошло, а ситуацијата, како што посочи обвинителот Бубевски, излегла од контрола кога мајката го пријавила исчезнувањето на својата ќерка и набрзо потоа целата јавност беше крената на нозе. 

Обдукцијата врз телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски во Институтот за судска медицина и криминалистика е, исто така, завршена, но извештаите сѐ уште не се готови, потврдија претходно од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство Скопје за МИА.

Извештајот од обдукцијата треба да ги утврди причините за смртта на двете жртви кои беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември, по нивното пријавување за исчезнување на 27, односно 24 ноември годинава.

Освен истрагата за Палевски, се очекува кривична пријава со која би се покренала истрага и за останатите осомничени. Со тоа, јавното обвинителство би имало можност да побара определување на нови мерки за осомничените.

Од Обвинителството соопштија дека очекуваат кривичната пријава да пристигне подоцна попладнево. 

- Потоа ќе се подготви наредба за истрага и предлог за притвор, велат оттаму. ар/ac/

ФОТО: МИА архива 

Остани поврзан