• четврток, 21 ноември 2024

Оштетените во случајот „ДоказМ“ очекуваат правдата да биде задоволена

Оштетените во случајот „ДоказМ“ очекуваат правдата да биде задоволена

 Скопје, 7 март 2023 (МИА) Очекувам дека со ова судење конечно ќе се добие правдата и ќе се открие кои се натрапниците во нашата професија и конечно ќе се поделиме на професионални новинари и на некои што се сами, т.н новинари, изјави новинарката Валентина Вурмо, оштетена во случајот во кој сопственикот на веб порталот „ДоказМ“ е обвинет за повеќе кривични дела.

Во изјава за медиуми по првото насрочено рочиште за процесот, таа рече дека и покрај тоа што во ова судење се појавуваат само неколкумина оштетени, според неа, оштетените се многу повеќе на број. Вурмо посочи дека има поголеми очекувања од другиот предмет што го отвори Скопското обвинителство.

- Повеќе очекувам од вториот предмет, кој Скопското обвинителство го отвори за овој случај, бидејќи таму очекувам да се изнесат детали и докази за тоа кој ги правел нарачките на лажните текстови, кој учествувал во подготовката, и посредниците и нарачателите да седнат на обвинителна клупа, рече таа,

Новинарката Ирена Мулачка, исто така, изјави дека очекува правдата да биде задоволена.

- Мислам дека е редно време, после толку долго време и после толку уништени и срозени семејства од страна на Марјан Стаменковски, да се стави крај, да биде задоволена правдата и да се знае дека не може во државата на кој што ќе му текне да пишува, кој како сака да те омаловажува и понижува, рече таа.

Мулачка очекува судскиот процес да трае по скратена постапка и, како што рече, „конечно секој да одговара за тоа што го направил“.

Судењето против сопственикот на порталот „ДоказМ” кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела се одложи за 10 март, откако бранителот на обвинетиот денеска побара изземање на сите обвинители од Скопското обвинителство поради можноста да се јават како оштетени во постапката. Судот потоа информираше дека ќе чека Вишото Јавно обвинителство да одлучи по ова барање, односно, дали ќе се прифати барањето за изземање на Скопското обвинителство.

На почетокот на првото насроченото рочиште денеска јавната обвинителка, Зорица Павловиќ, исто така, предложи до судот јавноста да се исклучи од отворањето до крајот на главната расправа, бидејќи, како што рече, „се работи за кривични дела против моралот, а исклучувањето на јавноста е потребно заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците“. Судот го прифати овој предлог и донесе решение за исклучување на јавноста.

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка поднесе обвинителен предлог против Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“, кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и „злоупотреба на лични податоци“.

Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговиот веб портал. Пријавите се од две новинарки од неделникот „Фокус“ и еден владика.

На денешното рочиште беа присутни оштетените Валентина Вурмо, Ирена Мулачка, Александра Милчевска, Марина Јовановска, Блерим Рамадани и Роберт Петров.

Процесот го води судијката Марија Клетничка Марковска, а застапник на обвинението јавната обвинителка Зорица Павловиќ. ар/лв/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан