Охрид има потенцијал за повеќе згрижувачки семејства
- Вкупно единаесет дечиња без родители се згрижени во осум згрижувачки семејства во Охрид, но градот има потенцијал и можности согласно поребите да згрижи уште повеќе. Тоа, меѓу другото, беше п

Охрид, 27 октомври 2022 (МИА) - Вкупно единаесет дечиња без родители се згрижени во осум згрижувачки семејства во Охрид, но градот има потенцијал и можности согласно поребите да згрижи уште повеќе. Тоа, меѓу другото, беше посочено на промоцијата на кампањата „Подај рака и промени живот, стани згрижувач“, во рамките на која на денеска на Градскиот плоштад беа презентирани придобивките од згрижување и начинот како да се стане згрижувач.
Семејството Анкица и Лазе Крстаноски, кои се биолошки родители на една ќерка, во моментот имаат згрижено уште три други деца.
- Веќе единасет години сме згрижувачи. Во моментов имаме згрижено три дечиња, имавме четири, но едното наполни 18 години. Многу сме среќни што имаме повеќе дечиња од различни родители, но и со различни карактери. На сите им даваме подеднакво љубов, вели Анкица.
Според неа, секое дете заслужува да му се пружи љубов, посочувајќи на одличната соработка и поддршката од институциите.
Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, смета дека и локалните самоуправи треба да размислат како да се вклучат со поддршка на иницијативата за згрижување деца.
- Како локална самоуправа одлучивме во наредната година во Програмата за социјална заштита, покрај сите работи кои несомнено ги направивме за ранливите категории во изминатава година, да имаме и финансиски надоместок за децата во згрижувачките семејства, еднократен од 15.000 денари, изјави Пецаков.
Јасминка Кочанковска психолог во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства од Битола смета дека децата кои немаат можност да растат со биолошките семејства оти е потребно да се потрудиме да растат најблиску до биолошките.
- Во семејства каде покрај храната, грижата, облеката, ќе добијат и безбедно и сигурно место. Само така ќе можат да се развиваат, растат и да станат самостојни индивидуи членови на нашето општество, истакна Кочанковска.
Александра Мојсова специјалист за застапување и комуникација од СОС Детско село смета дека Охрид има поголем потенцијал и можности согласно поребите да згрижи повеќе деца. сс/мч/
