• понеделник, 17 јуни 2024

Офир Фалк, главен советник на Нетанјаху: Планот не е добра зделка, но Израел го прифаќа

Офир Фалк, главен советник на Нетанјаху: Планот не е добра зделка, но Израел го прифаќа

Тел Авив, 2 јуни 2024 (МИА)  - Офир Фалк, главниот советник за надворешна политика на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, денеска потврди дека Израел го прифатил планот за прекин на огнот во Газа, претставен од американскиот претседател Џо Бајден, пренесоа британските медиуми.

-Тој (планот) не е добра зделка, но ние многу сакаме ослободување на заложниците, рече Фалк во интервју за „Сандеј Тајмс“.

Фалк истакна дека условите на Израел за „ослободување на заложниците и уништување на Хамас како геноцидна терористичка организација“ не се променети и дека нема да има траен прекин на огнот додека тие не се исполнат.

Американскиот претседател во петокот го претстави предлогот за прекин на огнот во Газа, а станува збор за трофазно примирје.

Притоа, Бајден кажа дека првата фаза од предложениот договор ќе трае шест недели и ќе вклучува целосен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од сите населени области на Газа и ослободување на голем број заложници, вклучувајќи жени, постари лица и повредени, во замена за ослободување на стотици палестински затвореници.

Телата на убиените заложници ќе бидат вратени на нивните семејства, а хуманитарната помош ќе биде зголемена во првата фаза на 600 камиони дневно на кои ќе им биде дозволено да влезат во Појасот Газа.

Втората фаза ќе вклучува ослободување на сите преостанати живи заложници, вклучително и машки војници, и повлекување на израелските сили од Газа.

Третата фаза,пак, ќе вклучува повик за почеток на голема реконструкција на Појасот Газа. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан