• петок, 22 ноември 2024

Откупот на тутунот ќе продолжи до 31 март, петте милиони евра да бидат КОВИД-мерка, а не исплата на разликата во цена

Откупот на тутунот ќе продолжи до 31 март, петте милиони евра да бидат КОВИД-мерка, а не исплата на разликата во цена
Скопје, 15 февруари 2021 (МИА) – До 31 март ќе биде продолжен рокот за откупот на тутунот, договорија денеска производителите, компаниите и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа. Договорените количини се очекува да бидат преземени до крајот на неделава, а наредната треба да стартува откупот на вишокот. Тутунарите сметаат дека е понижувачки да добијат по 10 – 12 денари за килограм колку што е предвидено со петте милиони евра од петтиот антикризен пакет. Тоа, велат, треба да е КОВИД-мерка, а разликата во цената од сегашните 165 до најавените 180 денари, Владата треба посебно да ја надомести. Пари, според нив, има, потреба е само добра волја да се распределат. -Засега, просечната цена е 165,3 денари. До денеска се откупени 21 милион килограми тутун, а заклучно со утре се очекува да бидат откупени 98 отсто од договорените количини. Потоа ќе продолжи откупот на вишокот тутун што реално е најголемиот проблем годинава. Јас уште утре на Влада ќе предложам по брза постапка измена на Законот за тутун за да се пролонгира рокот за откуп до 31 март, а не да биде до крајот на овој месец.  Во петтиот пакет антикризни мерки предвидовме пет милиони евра за тутунарите, но динамиката и начинот на кој ќе се исплатат останува да ги договориме откако ќе заврши целиот откуп, изјави министерот по средбата. Според Хоџа, вишокот тутун е главно во Долнени и тука треба да се засили динамиката на откуп. -Ако се држиме до тоа што се договоривме, до петок ќе имаме многу јасна слика за Долнени. Разликата на просечната цена со овие дополнителни пет милиони евра ќе се обидеме да го реализираме ветеното - просечната цена да не биде под 180 денари. Тоа е максимумот што можеме да го направиме, рече Хоџа. Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „Тутунари од Македонија“ укажа дека т.н. вишок е всушност дел од производството за кое не се склучени договори. Не се работи за голема количина и целиот тутун мора да биде откупен. -Вишокот не е вишок, туку тутун произведен во сите региони. Со години наназад производството е 25 милиони килограми. Тоа и годинава го имаме, не се работи за екстра количина, само што се намалени договорите па се вели дека е вишок. Инаку, Иницијативниот одбор не се согласува со петте милиони евра да се покрива разликата во цената. Тоа треба да е КОВИД-мерка и да се распредели по килограм произвдеден тутун. Ако државата мисли дека со тие 10 - 12 денари ќе ни ги надомести загубите од 60 - 90 денари, греши, само ќе ги понижи тутунарите, потенцира Мирчески. Тој дополни дека има средства во Буџетот и разликата во цена може да се исплати без да се зголемуваат ставки. Таков предлог денеска му доставил на министерот. Претседателот на Сојузот на тутунски здруженија, Менде Стомнароски истакна дека за откуп се останати уште два милиона килограми договорен тутун, како и дека компаниите се подготвени да преземат уште два милиона килограми. -Ако останат на тоа, тутунот ќе биде откупен во целост. Не сме задовони од годинашната проценка, мислиме дека не е реална и правевме притисоци на вагите, остававме на воторстепени комиси да одлучат. Тие во 60 - 70 отсто случаи проценија во позитивно, што покажа дека сме биле во право, рече Стомнароски. Годинава родот тежи околу 23.000 тони. Во однос на вишокот, производителите апелираат компаниите да поделат амбалажа. мч/дма/

Остани поврзан