• недела, 22 декември 2024

Отворен повик за регионалниот уметнички проект „Echo curve“

Отворен повик за регионалниот уметнички проект „Echo curve“

Скопје, 16 април 2024 (МИА) - Отворен е повик за учество во регионалниот уметнички проект „Echo curve“, наменет за млади уметници до 30 години од Скопје, Нови Сад и Загреб. Крајниот рок за пријавување е 30 април.

Апликациите можат да се испратат на линкот. Проектот „Echo curve“ се реализира преку соработка на три организации – Здружението на уметници „EXP Projekat“ од Нови Сад, Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ од Скопје и Автономниот културен центар „Attack“ од Загреб. Проектот е поддржан од швајцарската Влада, во рамки на проектот „Култура за демократија“, што го спроведува Фондацијата „Heartefact“.

- Кои се начините на кои младите уметници пренесуваат порака преку нивната уметност? Како комуницираат, меѓусебно, но и со публиката? Како ги користат повратните информации за понатамошно обликување на нивната уметничка практика? Ги покануваме младите регионални уметници, во рамки на овој проект, да ги истражуваат и да отворат дискусија за потенцијалот на уметничката практика како релевантен начин на комуникација во современото општество, велат од тимот на „Проектен простор Прес ту егзит“.

Како што е најавено, проектните активности ќе се одвиваат од мај до ноември годинава и вклучуваат онлајн состаноци со ментор, куратори, како и две посети на Загреб и на Скопје. Во текот на овие активности, а низ соработка со останатите учесници вклучени во проектот, младите уметници концептуално ќе ги развиваат своите идеи за завршната изложба во Нови Сад.

Притоа, патните трошоци, трошоците за сместување и хонорари за учесниците ќе бидат покриени од страна на организаторите на проектот.

-Охрабруваме апликации кои вклучуваат истражувачки пристап во уметничкиот процес, проекти кои вклучувааат нови медиуми, експеримент, аудио-визуелни дела, инсталации, перформанси и слични форми. Делата кои вклучуваат транспорт би требало да бидат лесно преносливи до Нови Сад, каде што ќе се одржи финалната изложба во рамки на проектот, велат од „Проектен простор Прес ту егзит“.

Здружението на граѓани „Проектен простор Прес ту егзит“ е основано во 2004 година од страна на уметниците Јане Чаловски и Христина Иваноска како посебна програмски базирана уметничка иницијатива за истражување и продукција во полето на визуелните уметности и кураторските практики. 

Проектот „Култура за демократија“ ја поддржува независната културна сцена во Србија преку поттикнување на критичко и креативно размислување за општествени прашања релевантни за локалните заедници преку култура и уметност. Проектот CFD поттикнува соработка меѓу засегнатите страни во независната културна сцена, и создава простор за промовирање плуралистички вредности и меѓукултурен дијалог во Србија. Целокупниот проект кој трае од октомври 2021 до февруари 2025 година, е поддржан од швајцарската Влада и имплементиран од Фондацијата „Heartefact“. бт/бак/

Фото: Плакат

Остани поврзан