Во Битола одбележан Денот на државноста на Република Хрватска
- Со концерт на далматинска музика и изложба на фотографии, синоќа во Битола членови и пријатели на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ го одбележаа Денот на државноста на Република Хрватска. Пред присутниот аудиториум се обратија Стјепан Домјанчиќ воено аташе во амбасадата на Хрватска во Скопје и Бранко Маретиќ, претседател на ХКЦ „Марко Марулиќ“-Битола.
Битола, 7 јуни 2025 (МИА) - Со концерт на далматинска музика и изложба на фотографии, синоќа во Битола членови и пријатели на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ го одбележаа Денот на државноста на Република Хрватска.
Пред присутниот аудиториум се обратија Стјепан Домјанчиќ воено аташе во амбасадата на Хрватска во Скопје и Бранко Маретиќ, претседател на ХКЦ „Марко Марулиќ“-Битола.
-Денот на државноста на Хрватска е еден од најзначајните за хрватската понова историја. Во текот на изминатите години Хрватскиот културен центар од Битола, воспостави соработка со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска, беше иницијатор на неколку збратимувања со општини и културно уметнички друштва, организираше гостувања на актери, музичари, фолклорн групи, делегации од Македонија во Хрватска и обратно, и се со цел збогатување на културниот мозаик на Битола, како и поголема соработка на двете пријателски земји, посочи Маретиќ.

Во програмскиот дел на свеченоста учествуваа женска клапа „Виоле“ од Дрвеник и женскиот хор „Градац“ од Општина Градац, а во салонот за промоции на битолскиот Офицерски дом, отворена е изложба на фотографии „Хоризонти“ од авторката Блага Петрески, професорка и советник за ликовна уметност и култура, воедно раководител на Агенцијата за образование и воспитување, подружница во Сплит.
Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“-Битола годинава во значајните проекти и активности ги сврсти и двата потпишани Меморандуми на соработка со НУ Народен театар-Битола и НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола. мт/сст/
Фото: МИА