• петок, 05 декември 2025

Отворен конкурс за наградата за најдобар превод „ДРАГИ“ 2025

Отворен конкурс за наградата за најдобар превод  „ДРАГИ“ 2025

Скопје, 2 јуни 2025 (МИА) - Издавачката куќа Антолог од Скопје со големо задоволство соопшти дека е отворен конкурс за наградата за најдобар превод „ДРАГИ“ 2025. За наградата може да се учествува со прозни книги во превод на македонски јазик објавени во периодот меѓу 1 јули 2024 година и 30 јуни 2025 година. Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик). Конкурсот е отворен до 1 јули 2025 година.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката дејност во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.

-Наградата до минатата година се доделуваше за превод на дела од сите книжевно-уметнички видови: проза, поезија, книги за деца и драма. Со цел порамноправен мериторен систем и соодветно вреднување на различните предизвици што секој книжевен вид го поседува, од годинава ќе се воведе приоритетна категорија која ќе се менува секоја година. За 2025 приоритетна книжевна категорија ќе биде прозата (фикцијата) и ќе опфаќа: романи, збирки раскази, есеистика, дневници и сл. Следната година приоритетен вид ќе биде поезијата и ќе опфаќа поетски дела во превод објавени во периодот од 1 јули 2024 година до 30 јуни 2026 година. Во 2027 приоритетна категорија ќе биде книжевноста за деца и ќе може да се конкурира со книги за деца во превод (сликовници, раскази, поезија, романи за деца и млади) објавени во периодот од 1 јули 2024 година до 30 јуни 2027 година. Конечно во 2028 во фокус ќе биде драмата и ќе може да се конкурира со драми во превод објавени во периодот од 1 јули 2024 година до 30 јуни 2028 година, велат од издавачката куќа.

Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу две книги.

Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат CIP-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.

Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во четири примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма на имејлот redakcija@antolog.mk.

Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели или книжевни критичари.

Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.

Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. сст/дма/

Фото:Илустрација

Остани поврзан