Отворен ден во Државното средно училиште „Коле Неделковски“ во Велес
- Велешкото државно средно училиште РЦСОО „Коле Неделковски“ денеска организираше Отворен ден за учениците од основните училишта од Велес и поширокиот регион со цел да ги запознае со образовните струки и профили и можностите што им ги нуди за натамошно образование. Учениците беа запознати со профилите од електро, машинската, сообраќајната и струката за угостителство и туризам.
Велес,13 мај 2025 (МИА) - Велешкото државно средно училиште РЦСОО „Коле Неделковски“ денеска организираше Отворен ден за учениците од основните училишта од Велес и поширокиот регион со цел да ги запознае со образовните струки и профили и можностите што им ги нуди за натамошно образование. Учениците беа запознати со профилите од електро, машинската, сообраќајната и струката за угостителство и туризам.
РЦСОО „Коле Неделковски“ е регионално училиште кое запишува ученици од градовите од целото Повардарие - од Велес и Велешко до Гевгелија. Во наредната учебна 2025/2026 има места за упис на вкупно 295 ученици во 10 паралелки: по четири паралелки за електро и машинска струка, една за сообраќај, транспорт и складирање и една за угостителско-туристичката струка.

Дворот на училиштето денеска беше исполнет со креативна атмосфера, каде што некои од учениците цртаа, свиреа и пееја. Беа поставени штандови на образовните сектори, како и на Црвениот крст од Велес и од фирмите - социјални партнери на училиштето кои придонесуваат значајно во практичната настава и обука на учениците во дуалните паралелки.
Директорот на училиштето, Горан Богоевски, информираше дека целта на Отворениот ден е да им се покаже на идните средношколци зошто ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес е еден од лидерите во стручното образование во поширокиот Вардарски регион и зошто тие треба да бидат дел од него.
Првиот рок за пријавување електронски за упис во средните училишта е од 14 до 17 јуни. Потоа, на 18 и 19 јуни, учениците ќе треба лично да ја достават потребната документација за запишување во средното училиште каде претходно се пријавиле. ад/хс/
Фото: МИА