• понеделник, 23 декември 2024

Отворени денови на Институтот за македонски јазик, заштитата и афирмацијата на јазикот меѓу приоритетите на МОН

Отворени денови на Институтот за македонски јазик, заштитата и афирмацијата на јазикот меѓу приоритетите на МОН

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) – Институтот за македонски јазик ќе има посебно внимание од Владата и во фокусот ќе биде развитокот на јазикот  и чувањето на идентитетот. Оваа Влада се обврзува да го поправи она што сме го задоцниле и она што сме го подзаборавиле, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, додавајќи дека македонскиот јазик системски ќе се негува, заштитува, унапредува и афирмира.

Во обраќањето по повод годинашните Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои се одржуваат од денеска до 18 октомври, министерката соопшти дека во план на Владата е реновирање на училиштето во Подвис каде првпат, во 1943 година, учениците слушнале дека ќе учат на македонски јазик и дека „ова училиште ќе биде паметник на славната историја на македонскиот народ и на македонскиот јазик кои се неразделно поврзани“.

-Како Министерство, ќе финансираме научни проекти и особено внимание ќе обрнеме на учењето на македонскиот јазик како заеднички јазик на разбирање во земјата. Многу доцниме, но нам ни е врвен приоритет да го подигнеме нивото на говорна и писмена јазична култура на македонски јазик. Оваа порака ја знаат и учителите по македонски јазик на сите образовни нивоа, и уверена сум дека сите тие и без јас да кажам, знаат колку е тоа важно и максимално ќе се вложат во нашата заедничка цел: поголема грижа за македонскиот јазик, рече Јаневска.

Посочи и дека ќе се работи на зголемување на бројот на лекторати по македонски јазик во странство, „како убава можност за отворање на Македонија кон светот, со својата древна духовност и сета големина градена низ вековите“, ќе продолжат  активните политики за стипендирање студенти на програмите по македонски јазик и книжевност и проширување на можностите за финансирање на научната работа. Како што рече, отворени се за соработка со сите релевантни чинители за унапредување на образовно-научните можности поврзани со македонскиот јазик.

Откако директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, во своето обраќање ги посочи проблемите што ги имаат – немањето лаптопи за сите научници, потребата од поголеми плати и пари за реализација на проектите кои се од национален интерес, министерката Јаневска вети дека ќе се потрудат да добијат опрема за работа, кадар и да ги финансираат нивните проекти.

-Секако, во договор со вас и, секако, ве молам за мало разбирање, барем следната година, според можностите на буџетот. Но, факт е дека ние континуирано, во сите следни четири години ќе ја подобруваме состојбата, рече Јаневска која во обраќањето нагласи дека Институтот во осмата деценија од работењето е врвна научна институција и етаблиран славистички центар.

Директорката на Институтот, Јованова-Грујовска, во обраќањето по повод Отворените денови, ги соопшти проектите што се реализирани во минатата година и оние што се почнати - завршен е проектот „Лексика во македонската народна проза“, почнат е проектот Етимолошки речник на македонскиот јазик, а уште неколку проекти од национален интерес чекаат да се работат во Институтот. Набавени се лаптопи за дел од научниците, а за другите, рече, замолуваат средства за идната година.

-Со закон во Собранието, во 2024 добивме зголемување на платите, а во новата година очекуваме да биде исполнето законското решение за плати во науката и високото образование. Сметаме дека националните институти со свои претставници треба да бидат вклучени во изработката на новиот закон за високо образование, рече Јованова-Грујовска.

На отворањето на Отворените денови на Институтот за македонски јазик академик Катица Ќулавкова одржа Беседа за македонскиот јазик во која укажа на доминацијата на англискиот јазик во секојдневната употреба, посочи на потребата од мерки за квалитет во преводот на литературата кој, рече, ја достигнал најниската точка затоа што се објавуваат изданија без уредничка и лекторска интервенција и дека се потребни стимулативни мерки за учество на нашите лингвисти на славистички собири и поддршка на истражувачките проекти на МАНУ и на институтите. 

Ќулавкова истакна и дека е неприфатливо македонскиот јазик да го изгуби својот статус стекнат во 1991 со акти од самата држава, а, како што рече, драстично опаднатиот интерес за студирање на македонскиот јазик на УКИМ е последица на несоодветните образовни политики, „но првенствено како последица на несоодветните законски решенија зацртани во Законот за употреба на јазиците, со кои се фаворизира институционално јазикот на малцинството од над 20 проценти“.

Според неа, „јазичниот паралелизам“ доведува до ситуација „повеќејазичноста да биде извор на дезинтеграција на нацијата“ и дека учењето на македонскиот јазик во Македонија „треба да биде граѓанска обврска на сите македонски државјани“.

-Правилото дека она што е стекнато историски и уставно во една држава не смее да се одземе, за жал, изгледа не важи за македонскиот јазик и за Македонците. Пред овој парадокс не смее да се молчи, затоа што статусот на јазикот во една држава е да интегрира, а не да ја фрагментира нацијата. Ние се соочуваме со екстремна ситуација во којашто македонскиот јазик е маргинализиран општествено, образовно, институционално, со услови за негово натамошно потиснување, рече Ќулавкова.

Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ годинава се во знакот на два големи јубилеја: 150 години од раѓањето на нивниот патрон – Крсте Петков Мисирков, и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и од Првото заседание на АСНОМ.  

Во наредните денови ќе има промоции на изданија, трибина, дводневна меѓународна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“ на 16 и 17 октомври. Отворените денови ќе завршат в петок со посета на античкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола. хс/ев/

Фото: МИА

 

 

 

 

Остани поврзан