• петок, 22 ноември 2024

Отворена изложбата „Варијации на мазгите“ во Истанбул

Отворена изложбата „Варијации на мазгите“ во Истанбул

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - Во Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул вечерва е отворена изложбата „Варијации на мазгите“ (Mule Variations), на која се претставени делата на Владимир Лукаш, Вук Митевски и Ѓорѓе Јовановиќ.

Оваа иновативна мултимедијална групна изложба е дел од програмата на Асоцијацијата за култура ИКОН и Министерството за култура на Северна Македонија, ги истражува темите на хуморот, гротеската и социо-политичката критика.

Уметноста на Владимир Лукаш е одличен спој на каприциозност, хумор и длабока симболика, вклопена во неговите ликовни скици. Под влијание на иконите како Енди Ворхол, Френсис Бејкон и Гери Ларсон, делото на Лукаш го предизвикува гледачот да ја преиспита врската помеѓу сликата и значењето, реализмот и симболизмот.

Вук Митевски е уметник чија практика опфаќа скулптура, сликарство и анимиран филм. Неговите дела се карактеризираат со робусна лирика, каде сценографските и скулптурните елементи се спојуваат.

Делата на Ѓорѓе Јовановиќ се доказ за трансформативната моќ на колажот и цртежот, под длабоко влијание на дадаистичката и надреалистичката традиција. Од почетокот на својата кариера, Јовановиќ ги синтетизира историските авангардни техники со модерни контексти, адресирајќи се на предизвиците на (пост)пандемиската политичка и технолошка реалност.

Уметноста на Јовановиќ поттикнува размислување за еволутивната природа на уметничкото изразување во светот кој брзо се менува. бт/дма/

Остани поврзан