Осум сириски војници загинаа во израелски напади во близина на Дамаск
- Според САНА, во првичните напади биле погодени сириски војници кои откриле „системи за прислушување и надзор“, а израелските напади го спречиле пристигнувањето на засилувања и спасувачки екипи.
Дамаск, 28 август 2025 (МИА) – Осум сириски војници вчера загинаа во израелските напади со беспилотни летала врз јужните предградија на Дамаск, додека неколку други беа ранети, соопштија сириски претставници и сирискиот Центар за мониторинг на човекови права со седиште во Велика Британија.
Сириската државна агенција САНА објави за дополнителни израелски воздушни напади, но деталите за тие акции сè уште не се познати.
Според САНА, во првичните напади биле погодени сириски војници кои откриле „системи за прислушување и надзор“, а израелските напади го спречиле пристигнувањето на засилувања и спасувачки екипи.
Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права соопшти дека израелските напади погодиле важен воен центар што го поврзува Дамаск со југозападната покраина Свеида, каде што минатиот месец избувнаа судири меѓу религиозното малцинство Друзи и бедуините поврзани со владата на Дамаск.
Сириското Министерство за надворешни работи го осуди нападот во предградието Кисва, оценувајќи го како „сериозно кршење на меѓународното право“ и „јасно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија“.
Оттаму, исто така, изјавија дека инцидентот се вклопува во „континуираната агресивна политика на израелската окупација со цел дестабилизација на регионот“, објавија американските медиуми.
Израелската армија не ги коментираше нападите.
Нападите следеа по политичките промени во Сирија, каде што претходниот режим на Башар ал-Асад беше соборен во декември.
Новата влада во Дамаск, составена делумно од поранешни исламистички борци, изјави дека не сака конфликт со Израел, но израелските власти сè уште изразуваат длабока недоверба кон новите власти.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави во вторникот дека израелските сили ќе останат во безбедносната зона во Сирија за да ги заштитат населбите во Галилеја и Голанската Висорамнина, нарекувајќи го тоа директна лекција научена од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.сд/
фото: Принтскрин од ТВ