• четврток, 19 декември 2024

Кофинансирани 86 домашни компании за иновативни идеи и креативни решенија за забрзан раст

Кофинансирани 86 домашни компании за иновативни идеи и креативни решенија за забрзан раст

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Вкупно 4,4 милиони евра се распределуваат за поддршка на 86 домашни претпријатија преку јавниот повик „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст“ на Фондот за иновации и технолошки развој. 

- Семејството на ФИТР од денеска се зголемува за 86 нови претпријатија и со оваа бројка, портофлиото на ФИТР брои 1.153 кофинансирани проекти кои реализирале, реализираат или ќе започнат со реализација со проекти во вкупна вредност од 130 милиони евра. Ова е јасен показател дека Фондот за иновации и технолошки развој е вистински дом за сите микро, мали и средни претпријатија кои имаат иновативни идеи и креативни решенија и драго ми е што од денеска заеднички започнуваме со ново претприемничко патување за кое сум убеден дека ќе резултира со голем успех, истакна директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Фестим Халили.

ФИТР ќе кофинансира 4,4 милиони евра, а корисниците ќе инвестираат 2,7 милиони евра за реализација на проектите. 

Најголем број од претпријатијата кои победија на конкурсот се микро (48 отсто) и мали претпријатија (48 отсто), додека четири отсто се средни претпријатија. Компаниите ќе работат на проекти од информатичката технологија, здравството, технолошката индустрија, земјоделството, угостителството, текстилната индустрија, градежништвото, машинството, образованието, маркетингот, итн.

 - Особено ме радува што солиден процент од вкупниот број од селектираните, 43 проценти се старт-ап, млади претпријатија, што значи дека сме овозможиле развој на нови идеи, бизниси и проекти. Всушност и нашата мисија е таа, да ги охрабриме ентузијастите да ја преточат својата уникатна идеја во реалност, а ние да им бидеме партнери во целиот тој процес. Дополнително охрабрува фактот што жените претприемачи покажаа значително голем интерес за започнување на иновативен проект, односно 46 проценти од претпријатијата имаат жена како сопственик или управител,  рече Халили.

Според министерот за образование и наука Јетон Шаќири, ФИТР ја поттикнува иновациската дејност, технолошкиот развој и забрзаниот економски раст во екосистемот на старт – ап и екосистемот на микро, мали и средни претпријатија во нашата држава.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири посочи дека поддршката на истражувањата и иновациите се приоритет на Владата и на Министерство за образование и наука, а ваквите успешно реализирани јавни повици се функционални механизми за финансирање на иновативни проекти. Нагласувајќи ја важноста од системски одговор на глобалните барања за индустриска конкурентност и иновативност, министерот Шаќири укажа дека колку повеќе се зголемуваат можностите за креативен пристап во решавањето на предизвиците, толку побрзо ќе напредуваме во научно-технолошкиот и економскиот развој.

Во врска на транспарентноста на ФИТР,  директорот на Фондот рече дека селекцијата ја прави  меѓународен комитет составен од експерти од САД, Велика Британија, Германија и Австрија и дека сите резултати се објавуваат на веб страната на ФИТР.

На јавниот повик, којшто траеше од 27 март до 5 мај годинава, биле доставени 268 проекти на домашни претпријатија, но согласно процедурите на ФИТР за евалуација на пристигнатите предлог-проекти, донесена е одлука за финансиската поддршка на вкупно 86 претпријатија. сан/бак/

 

Фото: Фонд за иновации и технолошки разво

 

Остани поврзан