Осумдесет години Црвен крст на Град Скопје
- Црвениот крст на Град Скопје годинава одбележува 80 години од формирањето на организацијата. Централното одбележување на јубилејот е денеска во Градскиот парк Скопје, на плочникот кај фонтаната Лотoс. На мали куќарки т.н. хумана зона ќе бидат прикажани сите активности и социјални сервиси, придружна опрема и показни елементи преку кои граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со активностите на организацијата, но и да се информираат што сè нуди во насока на помош и поддршка на сите граѓани.
Скопје, 13 септември 2025 (МИА) - Црвениот крст на Град Скопје годинава одбележува 80 години од формирањето на организацијата. Централното одбележување на јубилејот е денеска во Градскиот парк Скопје, на плочникот кај фонтаната Лотoс. На мали куќарки т.н. хумана зона ќе бидат прикажани сите активности и социјални сервиси, придружна опрема и показни елементи преку кои граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со активностите на организацијата, но и да се информираат што сè нуди во насока на помош и поддршка на сите граѓани.
Програма за најмладите ќе почне во 10:00 часот. Планирана е забава со аниматори, цртање на лице и настап на „мали детски ѕвезди“. Исто така за овој дел од програмата ќе дадат поддршка од скопската ЗОО, во вид на анимација на младите посетители и дружење со дел од животните. Оваа активност ќе трае до 13:00 часот.
Во периодот од 13:00 до 16:00 часот ќе следуваат настапи на училишни бендови и млади талентирани изведувачи, како дел од забавната програма планирана за тој ден. Од 16:00 до 18:00 часот ќе има музика и забавен дел за сите присутни и минувачи на настанот. Во вечерните часови (19:30-20:30) планирано е да се одржат два последователни настани - доделување јубилејни плакети и „Оскари на хуманоста“.

Поканети и наградени ќе бидат претставници од пет партнерски компании/институции: Алкалоид АД Скопје, Државна лотарија, Пивара Скопје АД, Град Скопје и Здружение на медицински сестри, техничари и акушерки на кои ќе им биде доделено јубилејно признание. Ќе биде изведен и театарски перформанс.
Во рамки на манифестација „Оскари на хуманоста“ ќе се доделат награди – Оскари за општествена одговорност на корпоративниот сектор, поединции и образовни институции кои преку својот личен пример мотивираат, поттикнуваат и се вистински двигател за промоција на општествена одговорност. Оскари ќе бидат доделени на: Limak Skopje Luxury Hotel, КАНАЛ 5, ТЕЛМА, КОМОРА НА ПСИХОЛОЗИ, ДИМЕ ДОО СКОПЈЕ, РУДИНЕ/ OLYMPUS, Parti Servis Leo DOOEL, Авторска агенција „МАКАРА“.
- Со сите овие активности и со поддршка на нашите волонтери ќе ја доближиме мисијата и активностите на Црвен крст на Град Скопје до пошироката јавност, отворени за соработка со сите наши партнери и поддржувачи, достапни за нашите сограѓани, наведуваат од Црвениот крст на Град Скопје. мд/лв/
Фото: Црвен крст на Град Скопје