• понеделник, 18 ноември 2024

Османи – Билстром: Преку реформите поддржани од Шведска, поблиску до европското семејство

Османи – Билстром: Преку реформите поддржани од Шведска, поблиску до европското семејство

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Во рамки на учеството на 78-то  Генерално собрание на Обединетите Нации, министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес оствари средба со министерот за надворешни работи на Кралството Шведска, Тобиас Билстром.

На средбата, Османи, како што информираат од неговиот кабинет, упатил благодарност за континуираната поддршка од Шведска на европскиот пат на Северна Македонија, особено нагласувајќи ја активната улога на Шведска за напредокот на реформските процеси во нашата држава.

-Високо ја цениме посветеноста на Шведска да биде наш партнер и клучен финансиски поддржувач за постигнување на значајни реформски резултати кои не носат поблиску до европското семејство, додаде министерот Османи.

Шведскиот министер Билстром ги поздравил напорите на нашата земја за што поскоро постигнување на стратешката определба за наше членство во ЕУ и потврди дека шведската поддршка и во иднина ќе продолжи со несмалено темпо. 

На средбата, се вели во соопштението, двајцата министри изразиле задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји кои оваа година одбележуваат јубилејни 30 години од воспоставување на дипломатските односи и го поздравија динамичниот и континуиран политички дијалог, изразувајќи  уверување дека и во претстојниот период двете држави посветено ќе работат на натамошно динамизирање на секторската соработка и интензивирање на меѓусебната поддршка во различните мултилатерални формати.

Двајцата соговорници размениле ставови и за актуелните политички и безбедносни состојби во земјите од Западен Балкан, а дискутираа и за соработката и предизвиците во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023. аа/мд/

Фото: МНР

Остани поврзан