• сабота, 27 јули 2024

Османи со бројни билатерални средби во Стразбур

Османи со бројни билатерални средби во Стразбур

17 мај 2024

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи денеска, на маргини на 133 сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур, оствари бројни билатерални средби со хомолози од различни земји, имено со министрите за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Република Австрија, Република Унгарија, Швајцарска Конфедерација, Република Малта, Република Словенија, Република Албанија, Република Молдавија, како и заменик министерот за надворешни работи на Република Турција.

Во фокус на одвоените средби на Османи со министрите на Германија, Австрија и Унгарија, Аналена Бербок, Александар Шаленберг и Петер Сијарто беше европското досие на земјата, при што Османи ги информираше соговорниците за активностите во однос на исполнувањето на реформската агенда и за успешно завршениот скрининг процес, притоа изразувајќи благодарност за конзистентната поддршка на процесот на интеграцијата на нашата земја во Европската унија. 

Османи и министерот на Швајцарија, Игнацио Касис разговараа за билатералните односи на двете земји, заблагодарувајќи му се за континуираната поддршка за реформскиот процес на земјата.

На средбата со министерот на Малта, Иан Борг се направи осврт на билатералните односи, ставајќи го притоа акцентот на соработката во рамки на мултилатералните организации.  Османи подвлече дека Северна Македонија како дел од ОБСЕ Тројката очекува зајакнување на улогата и ефикасноста на ОБСЕ, како уникатна безбедносна организација и платформа за дијалог.

Теми на разговорите на Османи со колегите од Словенија, Албанија и Молдавија, Тања Фајон, Игли Хасани и Михај Попсоји како и заменик министерот за надворешни работи на Турција, Мехмет Кемал Бозај беа повеќе аспекти од билатералните односи и можностите за продлабочување на соработката. Се дискутираа и активностите на Северна Македонија како земја претседавач со Процесот за соработка на Југоисточна Европа во врска со претстојниот министерски состанок како и начините за интензивирање регионалната соработка.

Министерство за надворешни работи

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан