• сабота, 23 ноември 2024

Османи повика на прекин на воените активности во Украина, засега не планира средба со рускиот амбасадор во земјава

Османи повика на прекин на воените активности во Украина, засега не планира средба со рускиот амбасадор во земјава
Скопје, 25 февруари 2022 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска информира дека имал средба со амбасадорката на Украина во нашата држава, Наталија Задорожњук, но немал и засега не планира да се сретне со амбасадорот на Русија, Сергеј Баздникин. На прес-конференција по средбата со министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, Османи повика веднаш да прекинат воените активности во Украина и да се седне на маса со цел преку политички дијалог и дипломатски средства да се надвмине оваа ситуација, која, како што потенцира, прво има директна деструктивна активност за луѓето во Украина, но и за граѓаните на Русија, но може да има далекусежни последици по целиот континент и целиот свет. - Ние ја осудивме оваа руска агресија во Украина, сметајќи ја како нарушување на меѓународниот правен поредок, на суверенитетот и територијалниот интегритет на независноста на државата, на правото на независните држави да си одредат сами надворешно - политички приоритети. Вчера се придруживме на санкциите на ЕУ кон Русија, меѓутоа се придруживме и на сите рестриктивни мерки што ЕУ ги воведе од 2014 година кога беше анектиран Крим, со цел да ја одвраќаме Русија од продолжување на овој воен конфликт, изјави шефот на дипломатијата Османи, прашан какви ќе бидат билатералните односи со Русија во однос на тоа што се случува сега во Украина. цр/сп/

Остани поврзан