• недела, 22 декември 2024

Османи: Недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина

Османи: Недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина
Скопје, 23 август 2021 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи, денеска учествуваше на основачкиот Самит на Кримската платформа, што се одржа во Киев, Украина. Како што соопштија од МНР, на настанот биле претставени повеќе од четириесет земји на високо и највисоко ниво, меѓу кои голем број земји членки на ЕУ и НАТО, како и високи претставници на меѓународни организации. Министерот Османи во своето обраќање ја реафирмирал недвосмислената поддршка на Република Северна Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, подвлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права и меѓународното хуманитарно право. - Република Северна Македонија го поздравува одржувањето на Самитот за  Кримската платформа иницирана како меѓународен координативен механизам за повторно разгледување на прашањето за Крим, со нагласување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина,  потпирајќи се на нормите на меѓународното право, резолуциите на Генералното собрание на ОН и одлуките на другите меѓународни организации, истакнал Османи, се наведува во соопштението од МНР. Во рамки на настанот, била усвоена заедничка декларација на учесниците на меѓународната платформа за Крим, на која се придружи и Република Северна Македонија. цр/са/  

Тагови

Остани поврзан