• среда, 13 ноември 2024

Османи на отворање на Почесниот конзулат во Анталија

Османи на отворање на Почесниот конзулат во Анталија

Скопје, 2 март 2024 (МИА) - Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи по учеството на Анталија дипломатскиот форум, го отвори Почесниот конзулат на Република Северна Македонија со седиште во Анталија, Република Турција, соопштија денеска од МНР.

Почесниот конзул, Али Кизилда, се подвлекува во соопштението, e реномиран член на анталиската деловна заедница со 35 години искуство во сферата на туризмот.

Во поздравното обраќање Османи потенцирал дека Северна Македонија и Турција имаат голем потенцијал за унапредување на економската соработка и зајакнување на бизнис-врските.

- Има можности кои треба максимално да се искористат и на државно ниво и од бизнис-заедниците. Меѓу нашите главни цели со отворањето на Почесниот конзулат во Анталија е постигнување на посакуваното ниво на економска и туристичка соработка како и промоција на бизнис можностите за инвестиција во Северна Македонија, истакнал Османи.

Меѓу другото, се додава во соопштението од МНР, Османи подвлекол дека отворањето на Почесниот конзулат ќе биде дополнителен поттик за подобрување на еконосмската соработка во различни области бидејќи регионот на Анталија е еден од најразвиените индустриски, туристички и земјоделски центри.

- Многу наши туристи доаѓаат во Анталија, но уште повеќе туристи од Турција доаѓаат во Северна Македонија. Веќе неколку години Турците се најбројни туристи во нашата земја за што потребно е натамошно промовирање на двете дестинации, нагласил Османи.

Во Конзулатот, Османи остварил средба со наши истакнати државјани во Турција, добитници на МКарта на кои им ги врачил истите и им изразил благодарност за покажаниот интерес за проектот и за одржување на врските со нашата земја. цр/хс/

Фото: МНР

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан