• понеделник, 23 декември 2024

Османи на интервју со Рикер: Дипломатијата е и работа со луѓе на терен, не само преговарање на маса

Османи на интервју со Рикер: Дипломатијата е и работа со луѓе на терен, не само преговарање на маса

Скопје, 14 мај 2023 (МИА) - Предизвиците на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, успешната приказна на државата во новата меѓународна позиција, регионалните предизвици и улогата на САД во ОБСЕ беа теми во центарот на интервјуто на Филип Рикер, директор на Програмата „Global Europe”на Вилсон Центарот со министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.

Османи, како што информира МНР, се осврна на приоритетот број еден на претседателството: Организацијата покажа отпорност и покрај тешката состојба во која се наоѓа. Една земја учесничка блокираше две мисии во Украина. Но, ние не седевме со вкрстени раце, туку најдовме креативна формула за да се вратиме во Украина, да им помогнеме на Украинците, на украинскиот народ и на институциите на Украинците”.

-Она што сакавме да го направиме за време на нашето претседавање, е како да го однесеме ОБСЕ поблиску до обичните луѓе. Дипломатијата не е само дипломати кои седат на маса и разговараат за јавните политики, туку тоа е и секојдневна работа со луѓе на терен, рече Османи.

На прашањето на Рикер, за важноста на улогата на САД во Организацијата, Османи одговори дека ова било едно од прашањата што се дискутирале во Вашингтон, но и пред еден месец кога ги презентирал приоритетите на Северна Македонија пред Хелсиншкиот комитет.

-Се вратив во Скопје уште посигурен за иднината на организацијата, со уверение дека САД се таму и ќе продолжат да имаат важна улога во ОБСЕ. Значи, ова носи доверба кај сите нас, во континентот и во организацијата. Работиме многу тесно во Виена, како и во Скопје и Вашингтон, со заедничка цел како можеме да ја водиме агендата на ОБСЕ напред, истакна Османи.

Тој зборуваше и за напредокот на Северна Македонија, ставајќи го акцентот на успешната приказна на функционалната мултиетничка демократија, културата на дијалог, добрососедските односи, истакнувајќи дека во секој успех на нашата држава има печат на Вашингтон, Брисел, ОБСЕ и другите организација, се наведува во соопштението на МНР. мч/

фото: МНР

 

Остани поврзан