• недела, 21 јули 2024

Османи на бројни билатерални средби на маргините на Анталија дипломатскиот форум

Османи на бројни билатерални средби на маргините на Анталија дипломатскиот форум
Скопје, 11 март 2022 (МИА) - Предизвиците во рамки на процесот на проширување на ЕУ и следните чекори во клучниот период што следи, како несомнено важен услов за задржување на европскиот кредибилитет во регионот, била темата на која разговарале на средба министерот за надворешни работи Бујар Османи и сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, на маргините на Анталија дипломатскиот форум. Интересот на Австрија, како непосреден сосед на земјите на Западен Балкан, се наведува во денешното соопштение од МНР, е од исклучително значење и останува одлучен поддржувач за отпочнување на преговорите, без натамошно одлагање. На агендата билатерални средби на шефот на дипломатијата Османи биле и средбите со министрите за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн и на Финска, Пека Хависто. Покрај билатералната соработка и поддршката на двете земји за европското портфолио на Северна Македонија, било констатирано дека состојбите на релација Русија-Украина несомнено претставуваат закана за европската и целокупната меѓународна безбедност и дека е потребно итно повлекување на руските воени сили и интензивирање на преговорите за постигнување на мирно решение. Со Генералниот секретар на ОБСЕ Хелга Шмит, како што се подвлекува во соопштението, се разговарало за соработката во рамки на ОБСЕ, за мерките и активностите што организацијата ги презема во поглед на состојбата во Украина, за придонесот на Тројката во овие констелации. Османи ја искористил можноста да и се заблагодари на Шмит за целата логистика што ОБСЕ ја пружа во целиот овој период за евакуација на нашите граѓани од завојуваните области. Османи остварил средба и со Дритан Абазовиќ, мандатар за состав на Владата на Црна Гора, на која биле разменети мислења за регионалната соработка, за заемната поддршка во рамките на НАТО и пристапниот процес за членство во ЕУ, санкциите кон Русија, на кои двете земји се приклучија со што во целост се прилагодени на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Во текот на денот, Османи имал одвоени средби и со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак и со високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, а планирана е средба и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи. цр/са/  

Остани поврзан