• недела, 22 декември 2024

Османи: Косово и САД може да имаат несогласувања за пристапот, но не и за конечната цел

Османи: Косово и САД може да имаат несогласувања за пристапот, но не и за конечната цел

Приштина, 31 август 2024 (МИА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека разликите меѓу Косово и Соединетите Американски Држави не се во крајните цели, туку во пристапот за нивно постигнување, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во нејзиното обраќање на глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2024“, што се одржува во Прага, Османи  ги оцени односите со САД како најважни за Косово од сите други.

„Се разбира, одвреме-навреме ќе слушнете изјави за несогласување меѓу официјалните претставници на САД и Владата на Косово во однос на некои пристапи, но никогаш за конечните цели или фундаменталните вредности што ги споделуваме. Нема несогласувања во тоа дека Косово и САД сакаат суверено, независно, успешно, мултиетничко Косово, засновано на Уставот“, рече Османи.

Сепак, напомена таа, „понекогаш пристапот кон одржувањето на демократско, суверено и силно Косово и како ќе го постигнеме тоа, може да биде различен“.

„Пристапот, тактиката, нијансите - има разлики во нив. Но, нема разлики во тоа каково Косово сакаме, кои се основните вредности за нашите земји и нашите односи. Кога суштината е здрава, другите работи можат да бидат надминати и покрај предизвиците“, нагласи косовската претседателка.

Реакцијата на Османи уследи по острите критики од САД на вчерашната акција на косовската полиција, со која беа затворени канцелариите на паралелните институции управувани од Србија во северниот дел на Косово.

Косовската полиција синоќа спроведе полициска акција на северот на земјата, каде затвори пет објекти на паралелните општини на Србија, што наиде на остри критики од претставништвата на земјите сојузнички на Косово и од мисијата на Европската унија во Приштина.


Амбасадорите акредитирани во Косово во нивите реакции порачаа дека прашањето на паралелните структури на Србија во Косово треба да се реши во рамките на дијалогот Косово-Србија.

Остани поврзан