• недела, 22 декември 2024

Османи: Дел од американскиот план за користење на динарот во Косово е прифатлив, другиот да се договори во Брисел

Османи: Дел од американскиот план за користење на динарот во Косово е прифатлив, другиот да се договори во Брисел

Приштина, 18 март 2024 (МИА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека за косовските власти се прифатливи некои од американските предлози за прашањето на динарот, односно одлуката на Централната банка на Косово еврото да биде единственото средство за готовинско плаќања во земјата, што значи забрана за употреба на српската валута, јави дописникот на МИА од Приштина.

На средба со новинарите при денешната посета на општина Липљан, Османи рече дека за останатиот дел од американскиот предлог би било идеално да има договор меѓу страните во Брисел, на следната средба што се очекува да се одржи утре, 19 март, на ниво на главни преговарачи на Косово и Србија.

- Засега има согласност за дел од предлогот според она што досега сум информирана, а за друг дел нема договор. Многу е позитивно што меѓународната заедница на чело со САД се согласува дека повеќе нема да има промет на динари на Косово и што и со нивна помош постигнавме отсега и тие дознаки и таа финансиска помош што доаѓа од Србија, да биде во евра, а не во динари. И мислам дека со ова се решава голем дел од проблемот со кој се соочувавме во минатото, бидејќи прашањето беше како да се примени членот 11 од Уставот, кој налага Косово да има само една валута, а тоа е еврото, рече Османи.

За вториот дел од предлогот таа рече дека Косово разгледува начини да гарантира дека помошта што се испраќа од Србија до српската заедница во Косово да не оди „во погрешни раце“.

- Вториот дел, за кој сè уште нема договор, но се надевам дека многу брзо ќе дојдеме до тој момент, е како да се погрижиме секоја финансиска помош што доаѓа од Србија да не оди во рацете на луѓе кои злоупотребувале, кои биле корумпирани и ги земале парите наводно во име на граѓаните, но ги користеле за корупција и организиран криминал. За тој дел сé уште се подготвува план кој ќе ги вклучи институциите на Република Косово, вклучително и оние кои го спроведуваат законот“, рече Османи.

Според неа, прашањето на динарот треба да се реши што е можно поскоро, бидејќи, како што рече, Косово има поголеми проблеми.

- И покрај предизвиците, убедена сум дека ова прашање не само што ќе се реши, туку е неопходно да се постигне помирување. Најдобро би било да се реши во Брисел бидејќи средбата е утре. Неопходно е да се реши ова прашање бидејќи не само што им помага на граѓаните да надминат дел од предизвиците со кои се соочуваме, туку во исто време, да бидам многу искрена, Косово има многу поголеми проблеми. Меѓу другото се безбедносните прашања, обезбедувањето на границата од Србија... затоа секој од нас мора да седне на маса со нашите сојузници, вклучувајќи го и нашиот главен сојузник, САД, и да се погрижиме дека се брани секоја педа од нашата територија и секој граѓанин на нашата Република, рече Османи.

За да се постигне ова, според  косовската претседателка, Приштина мора да работи заедно со сојузниците и тоа не е нешто што било кој во Косово не го знае.

- Секој граѓанин на Република Косово го знае овој многу јасен факт, дека за да го заштитиме Косово, неговите граници и неговата безбедност, мора да соработуваме со нашите безбедносни сојузници, рече Османи.иа/сд/

Остани поврзан