Османи го претстави Планот за деескалација на состојбите на Северот од Косово како и натамошна нормализација на односите меѓу Косово и Србија
- Планот, нагласи Османи, е доставен до мисиите на ОБСЕ во Приштина и Белград, и дека за таа цел, денеска во Скопје ќе има состанок со шефовите на мисиите на ОБСЕ во Косово и во Србија, на која ќе ни се придружи и амбасадорот на ОБСЕ во Скопје.
Скопје, 2 јули 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на тематска прес-конференција го претстави Планот за деескалација на состојбите на Северот од Косово како и натамошна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, во време кога Република Северна Македонија е претседавач со ОБСЕ. Се работи за патоказ во девет точки.
Планот, нагласи Османи, е доставен до мисиите на ОБСЕ во Приштина и Белград, и дека за таа цел, денеска во Скопје ќе има состанок со шефовите на мисиите на ОБСЕ во Косово и во Србија, на која ќе ни се придружи и амбасадорот на ОБСЕ во Скопје.
-Главна тема на денешниот состанок ќе биде Патоказот во девет точки и натамошниот можен ангажман на мисиите, на Организацијата во имплементацијата на Планот. Во наредниот период очекувам за можниот натамошен ангажман на ОБСЕ да разговарам и со Белград и со Приштина, како и сите останатите наши партнери и Сојузници, пред сè со ЕУ, која го олеснува дијалогот, но и со сојузниците и Командата во НАТО кои преку КФОР се присутни на терен, откри Османи на денешната прес- конференцијата.
Османи прво говореше околу улогата на Организацијата за безбедност и соработка, кој рече дека со своето долгогодишно присуство и ангажман на терен низ нашиот регион во Југоисточна Европа, има изградено висока доверба меѓу граѓаните и во оваа смисла претставува исклучително вреден ресурс, кој може да помогне во процесите на нормализација и унапредување на мерките за градење доверба.
- ОБСЕ има своја теренска мисија и во Косово и во Србија, но и овде во Скопје. Овие три точки на длабока присутност во регионот, меѓу населението, меѓу граѓаните, ги сметам за најсилната основа за успешност на предложениот патоказ. Како прв чекор, планот предвидува Косово и Србија да ја реафирмираат посветеноста кон основниот договор и Охридскиот протокол. Договорот Курти - Вучиќ од Охрид е добар договор и кога зборуваме за нормализација на односи, првиот принцип е она што е договорено да се испочитува. Не може да зборуваме за градење доверба, ако не се имплементира она што е договорено и оттука реафирмацијата кон основниот Договор, но и договореното од Охрид сметаме дека претставува добар почеток, рече министерот.
Тој додаде дека втората, третата и четвртата точка се активности што упатуваат на смирување на тензиите на терен.
- Косово да ги повлече специјалните сили, Србија да ја намали борбената готовност. На полицијата на Косово, заедно со КФОР и ЕУЛЕКС да им се овозможи во целост да се грижат за редот и безбедноста на државата. Протестите да се откажат и да се стават во функција општинските функции и услуги, за нормално функционирање на општествениот живот, и воедно им се дозволува пристап на вработените во општините. На одреден начин, преку овие активности се предвидува враќање на состојбата во нормала, односно на ниво кое беше пред да почнат нередите, појасни Османи.
По смирување на состојбите, рече, во следните две точки се предвидува расчистување со политичката криза предизвикана од локалните избори. Тоа значи, додаде, ова лето избраните градоначалници во спорните општини да поднесат оставки, отворајќи го патот за предвремени општински избори. Предвремените избори, соодветно на условите, да се одржат оваа година и во нив да учествуваат сите политички субјекти.
Последните три точки од патоказот ја претставуваат улогата на ОБСЕ во целиот процес.
- ОБСЕ ќе го поддржи изборниот процес, преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите, зајакнувајќи ја со тоа довербата меѓу заедниците. Организацијата ќе преземе низа активности за ангажирање на младите во програмите и процесите за помирување и најважно, ОБСЕ ќе ги стави своите капацитети на располагање за поддршка на имплементацијата со добра волја од двете страни на договорените одредби и продолжување на дијалогот. Сметам дека е ова добар план и тој е во согласност со неколкуте вакви предлози кои дојдоа и од други мултилатерални организации и високи политички претставници, соопшти министерот. бд/аа/
Фото: МИА