• понеделник, 23 декември 2024

Османи во Женева: Потребни се напори за ревитализација на вредностите на Универзалната декларација за човекови права на ОН

Османи во Женева: Потребни се напори за ревитализација на вредностите на Универзалната декларација за човекови права на ОН

Скопје, 11 декември 2023 (МИА) - Одбележувањето 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права на ОН, мора да послужи не само како потсетник за важноста, уникатноста и безвременската вредност на овој документ, туку и како нов поттик да ги зголемиме нашите напори во промовирањето и заштитата на човековите права, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи на настанот на високо ниво за Одбележување на 75 години од Универзалната декларација за човекови права на Обединетите Нации во Женева, соопшти МНР.

Како што се наведува во соопштението тој денеска во обраќањето пред високите владини претставници на земјите членки на ОН ги презентирал и заложбите на Северна Македонија во однос на човековите права и при тоа повикал да се направат напори преку постапките да се ревитализираат вредностите на Декларацијата.

-Мора да испратиме порака дека секој од нас треба повеќе да се ангажира за благородната кауза на човековите права, изјавил Османи.

Шефот на дипломатијата, во рамки на овој настан на високо ниво презентирал пет национални заложби во однос на човековите права за чија реализација Северна Македонија посветено работи. Меѓу нив се зголемување на довербата на јавноста во системот на управување преку унапредување на транспарентноста и отчетноста на Владата со усвојување и спроведување на нова Стратегија за транспарентност до 2026 година и забрзување на дигиталната трансформација за понатамошно подобрување на услугите фокусирани на луѓето и квалитетни услуги до 2027 година, со што ќе се зајакне отпорноста на сајбер заканите и ќе се работи на подигање на свеста за сајбер безбедноста.

-Справување со корупцијата и подобрување на интегритетот на систематски начин, како и зајакнување на меѓуинституционалната координација и размена меѓу различни владини институции, обвинителството и судството, трансформативна промена во животот на лицата со попреченост преку воспоставување политики и услуги за инклузивна попреченост, вработување и трансформирање на сите станбени институции во услуги засновани на заедницата и постигнување значајни и одржливи судски реформи преку спроведување на нова Стратегија за реформи во правосудството до 2027 година, изјавил Османи и истакнал дека наша цел е зајакнување на независноста, непристрасноста и интегритетот на судството, стои во соопштението. вг/ац/

Фото: МНР

Остани поврзан