• петок, 22 ноември 2024

Османи - Велч: Резолуцијата на Сенатот на САД потврдува дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема алтернатива

Османи - Велч: Резолуцијата на Сенатот на САД потврдува дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема алтернатива

Скопје, 19 март 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи во техничката Влада Бујар Османи денеска остварил телефонски разговор со американскиот сенатор Питер Велч, кој ја предложи Резолуцијата за поддршка на ЕУ интеграцијата на Северна Македонија.

Резолуцијата во Сенатот на САД, како што се наведува во соопштението од МНР, е уште една потврда дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема алтернатива.

За време на разговорот, како што се посочува во соопштението, Османи нагласил дека Резолуцијата, која е поддржана од сенатори од Демократската и од Републиканската партија, претставува дополнителна потврда дека нашиот евроинтегративен процес нема алтернатива, но истовремено дека е и охрабрување до Унијата дека треба да се забрза нашиот пат до полноправно членство.

-Резолуцијата е уште една демонстрација за силната поддршка од САД за евроинтегративниот процес на Северна Македонија и доказ за силното сојузништво меѓу двете земји во исполнувањето на споделената стратешка цел – нашето членство во ЕУ. Тоа е и на линија на нашите заеднички заложби во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, што го лансиравме со државниот секретар Блинкен во јуни 2022 година, истакнал Османи.

Соговорниците, осврнувајќи се на текстот на Резолуцијата, го поздравиле напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на реформската агенда, поддршката за Украина, како и долгогодишното стратешко партнерство и НАТО сојузништво меѓу двете земји. Истовремено, било истакнато и силното лидерство на Северна Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ минатата година.

-Резолуција за поддршка за влезот на Северна Македонија во Европската Унија е спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис, се наведува во соопштението од МНР. дма/бак/

Фото: МНР

Остани поврзан