• петок, 22 ноември 2024

Османи: Ахмети се залага за решавање на стретшки политики

Османи: Ахмети се залага за решавање на стретшки политики

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека не е чесно ова што т.н. огнена група му го прави на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој, како што кажа, 20 години работи за интересите на државата. 

Османи вечерва гостуваше во дебатниот магазин Клик Плус на ТВ21 каде зборуваше за теми поврзани со уставните измени, тензиите во ДУИ, митингот на ДУИ во Чаир, преговорите меѓу Белград и Приштина, како и за надворешната политика на Северна Македонија.

-Ахмети е историска личност. Ахмети 20 години работи за интересите на државата. Тој е човекот кој секогаш ги штити интересите на државата. Али Ахмети работеше за Северна Македонија да стане членка на НАТО, сега силно работи да ги обедини сите политички партии кои сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, рече, меѓудругото, Османи.

Според Османи, Ахмети и во Охрид бил во целосна комуникација со меѓународниот фактор за да се најде компромис меѓу Косово и Србија, со цел да имаме стабилен регион, а ова е посебно битно сега кога не далеку од тука има војна.

-Затоа сметам дека не е чесно кон него ова што го прават неговите пријатели од „Огнените“, кога Ахмети се залага за решавање на стратешки политики, тие го „замараат“ со минорни работи, вели Османи.

Министерот за надворешни работи рече дека во саботата, во Охрид добил СМС порака од висок дипломатски претставник, кој му кажал дека е горд на напорите на Али Ахмети да помогне околу преговорите помеѓу Белград и Приштина, како и дека Ахмети е влијателен политичар во регионот.

-Како што вели еден аналитичар од Косово, Али Ахмети е архитект на модерна Северна Македонија. Неговата визија за државата е европска држава, сите заедно да чекориме кон ЕУ – Македонци, Албанци и сите други заедно, изјави Османи.

Во интервјуто тој исто така зборуваше и за Косово и за Србија.

-Јас сум министер за надворешни работи на Северна Македонија. Моите јавни изјави се државни ставови, не се лични. Ние имаме одлични односи и со Косово и со Србија и сакаме овие две држави да најдат компромис, истакна Османи.

Тој вели дека откако е дојден како МНР, модифициран е ставот на МНР кон прашањето меѓу Косово и Србија.

-Нашиот став сега гласи: „Ние поддржуваме спроведување на договорот меѓу Косово и Србија, кој води кон меѓусебно признавање на двете држави“, рече Османи. ев/аа/

Фото: МИА Архива

 

 

Остани поврзан