Осимен за инцидентот со новинарот: Лаже, ќе се соочи со правдата
- Фудбалерот на Галатасарај, Виктор Осимен го коментираше инцидентот со новинарот кој го обвини играчот за физички напад.
Истанбул, 28 јануари 2025 (МИА) – Фудбалерот на Галатасарај, Виктор Осимен го коментираше инцидентот со новинарот кој го обвини играчот за физички напад.
- Не го удрив, само отидов до него и му реков дека треба да ја избрише фотографијата. Ова е моја фотографија и имам целосно право да му кажам да ја избрише. Не сум нов во вакво нешто. Знаев дека ќе лажат, лажат и само ќе лажат. Се разбира, нема да биде лесно да се реши оваа ситуација. Не мора многу да викам, но ќе ги преземам потребните чекори. Тој што лаже, ќе се соочи со законот, изјави Осимен за „Goal.com“.
Ноќта помеѓу 21 и 22 јануари, по натпреварот Галатасарај – Динамо Киев (3:3) во Лигата на Европа, кој се одигра во Истанбул, Осимен посети локален ноќен клуб. Репортерот се обидел да го фотографира фудбалерот додека си заминувал, по што дошло до конфликт меѓу нив.
Осимен игра за Галатасарај како позајмен од Наполи. Оваа сезона 26-годишниот фудбалер одигра 19 натпревари за тимот од Истанбул на сите турнири, постигна 15 голови и шест асистенции. зс/
Фото: ЕПА